Обичаи и верувања за Нова година во Грција – пита со паричка, калинка и влегување дома со десна нога за среќа

Новогодишен колач/пита со паричка, т.н. Василопита; калинка и влегување со десна нога за среќа; новогодишни песни од дечиња; заштита од лошите Караконџули, се само дел од новогодишните обичаи во Грција, карактеристични за целата земја, иако секој регион има свои традиции и верувања, кои се помалку познати во останатите делови, но сите се со силна симболика што се пренесуваат од генерација на генерација, јави дописничката на МИА од Атина.

Повеќето од обичаите се директно или индиректно поврзани со среќата, а првиот ден од годината е во знакот на Свети Василиј.

Празничниот период во Грција започнува на 6 декември со прослава на Свети Никола, продолжува со Божиќ и Нова година, а завршува на 6 јануари со Водици.

Василопита

Исто како и Бадник и Божиќ, така и за новогодишната ноќ, Грците најчесто ја поминуваат во кругот на семејството, со празнична вечера, а откако ќе се спојат стрелките на часовникот, ќе ја испратат старатаа и ќе ја пречекаат Новата година се сече новогодишниот колач, популарната грчка „Василопита“ со паричка, што е еден од најпознатите новогодишни обичаи.

Станува збор за вид на колач, во тркалезна форма најчесто покриен со шеќер во прав или глазура, а задолжително е испишана и бројка – годината што доаѓа, во конкретниот случај 2026.

Понекогаш, наместо бројка може да пишува „Среќна Нова година!“

Името „василопита“ доаѓа од Василиј Велики од Кесарија, а во буквален превод би значела „питата на Василиј“.

Сечењето се прави свечено, обично од најстариот член на семејството, а секое парче има свое значење – за Господ, за домот, за семејството и за гостите.

Исто како и кај нас при кршење на лепчето за Бадник или Василица, така и кај Грците, оној кој ќе ја најде паричката, се верува дека ќе го следи среќа во текот на целата година.

Традицијата со сечење василопита е особено популарна во Грција и не е ограничена само на семејството и најблиските членови, туку е проширена и на работните места и иако е поврзана со Нова година, манифестации за сечење на новогодишна пита може да траат и до март, со оглед на тоа што се организираат во разни институции, организации, компании, Министерства и сл.

На пример, во грчкото МНР, секоја година, традиционално, новогодишната пита ја сече министерот за надворешни работи, во присуство на неговите заменици, вработени во министерството, новинари и сл.

Името „Василопита“ доаѓа од Василиј Велики од Кесарија, кој воедно се слави на 1 јануари, но е и името под кое во Грција се нарекува Дедо мраз, кој домовите ги посетува на Нова година.

Аи Василис или Агиос Василис – грчкиот Дедо Мраз

Во Грција Дедо Мраз не доаѓа од Лапонија, туку е Свети Василиј (Агиос Василис или Аи Василис на грчки) и на децата им носи подароци за Нова година.

Свети Василиј важи за еден од најголемите светци на христијанството, епископ од 4 век од Кесарија во Кападокија (денешна Турција), познат по својата великодушност и грижа за сиромашните.

Според една традиција, го раздал својот имот на сиромашните и тајно оставал златници скриени во благо тесто за семејства кои имале потреба.

„Подарико“ и калинка за среќа во Новата година

За да донесе среќа новата година, меѓу дел од грчките обичаи е и калинката и т.н, „подарико“ што во буквален превод значи „првиот чекор“ и се поврзува со тоа кој ќе биде првиот човек што ќе стапне во домот за да донесе среќа.

Често се избира лице со „среќни“ карактеристики или пак дете, а кој и да е, мора, во домот да влезе со десна нога.

Се верува дека овој обичај потекнува од островот Крит, но бил брзо прифатен низ целата земја.

Калинката пак, што се смета за симбол на здравје, плодност, среќа и хармонија во семејството, во многу грчки домови е нераскинлив дел од новогодишната традиција.

Обичајот се верува дека започнал од Пелопонез, но брзо се проширил и во други делови на Грција и до денес, во многу домови во моментот кога ќе се промени годината, на прагот на домот се фрла и крши калинка, а колку повеќе зрна се расфрлат на подот, толку посреќна ќе биде новата година.

Во некои места, на утринската црковна литургија на 1 јануари, на која присуствува целото семејство, домаќинот носи калинка со себе в црква за да го благослови плодот, а кога семејството се враќа дома, тој е првиот кој влегува во куќата во новата година, ја крши калинката пред или на вратата и посакува зрната да ја преплават куќата со добро здравје и среќа, а радосните моменти да бидат толку колку што се и расфрланите зрна.

Калинката доста често е дел и од амајлиите што во Грција се подаруваат или се купуваат за среќа во Новата година.

Откако ќе ја испратат старата година, ќе пресечат василопита и ќе скршат калинка, во многу домови, членовите на семејството, или пак пријателите доколку станува збор за друштво, играат карти, да си ја „пробаат“ среќата.

Обичаи за среќа – див кромид на Крит, „немата вода“ на Лезбос

На островот Крит, Нова година е поврзана со еден необичен, но симболичен обичај – закачување див кромид во домот.

Станува збор за голем отровен кромид, што расте на каменеста почва и без многу грижа и дури и ако се искорне, продолжува да расте, со нови листови и е симбол на издржливост и сила.

На новогодишната ноќ или рано наутро на 1 јануари, жителите на Крит го закачуваат дивиот кромид над влезната врата од домот. Се верува дека така во куќата ќе влезат среќа, здравје и напредок, а семејството ќе биде силно и отпорно на тешкотии – исто како растението.

На островот Лезбос, особено во градот Митилини, постои стар новогодишен обичај познат како „немата вода“.

На Нова година, веднаш по полноќ, луѓето се упатуваат кон црквата Богородица Фанеромени во Митилини, каде што од чешмите во дворот тече вода што се смета за осветена.

Верниците откако ќе се поклонат, го мијат лицето, земаат вода во сад што го носат со себе, а во него ставаат маслиново гранче или гранче од мирта, по што се враќаат дома.

Единственото, но најважно правило е оној кој ја носи водата, на патот кон дома да не зборува, па затоа се нарекува „нема вода“.

Се верува дека првиот чекор (подарико) со „немата вода“ ќе донесе среќа и здравје во домот.

Каланда – грчки новогодишни и божиќни песни

Исто како и на Божиќ, така и за Нова година, во Грција популарни се традиционалните празнични песни кои најчесто ги пеат децата, одејќи од дом во дом, честитајќи ги празниците.

Песните се проследени со триангла како музички инструмент, а домаќините им даваат слатки, пари или мали подароци.

Караконџули – лошите духови за време на некрстените денови

Во периодот од 12 дена, од Божиќ (25 декември) до Водици (6 јануари), односно во некрстените денови, постои верување во Грција дека се појавуваат Караконџулите (каликанѕари на грчки), кои се зли духови што живеат во долниот свет, а нивниот свет е поврзан со нашиот преку едно дрво.

Овие зли суштества живеат под дрвото и постојано се обидуваат да најдат излез кон нашиот свет, што според митот, им успева за време на дванаесетте денови.

Во нашиот свет предизвикуваат проблеми, бидејќи Исус Христос сè уште не е крстен, па затоа не може да ги заштити луѓето од злото.

Караканџулите излегуваат навечер, а во домовите влегуваат преку оџаците, па затоа верниците во тој период ги држат подалеку со палење дрва, бидејќи огнот ги плаши.

Се плашат и од темјан, а уште едно средство за заштита на домот е ситото поставено пред влезната врата на куќата, бидејќи се верувало дека Караконџулите ќе почнат да ги бројат сите отвори во ситото, но нивното броење е само до два и потоа почнуваат од почеток што е „невозможна мисија“ да се избројат сите дупки.

Со Богојавлението и осветувањето на реките, Караконџулите си се повлекуваат во нивниот долен свет, каде што остануваат до следниот Божиќ.

Со Водици завршува празничниот период во Грција

Празничниот период во Грција што започнува непосредно пред Божиќ и продолжува со Нова година, завршува на 6 јануари, на Водици, денот во земјата познат како Епифанија, Теофанија или Фота.

Исто како и кај нас, денот е во знакот на осветуваење на водите, а низ цела Грција, од реки и езера до пристаништа, па дури и општински базени се фрла крстот.

Голем број верници учествуват во обид да го пронајдат и извлечат крстот од водата.

Back to top button
Close