Обновата на Европа, Белорусија, Турција, Мали, Либан се наоѓаат на менито на средбата меѓу Макрон и Меркел
За да ја потврди цврстината на француско-германската врска, францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе ја пречека канцеларката на Германија, Ангела Меркел, во тврдината Бргансон каде ќе разговараат за кризите што го тресат светот и европскиот континент, јави дописникот на МИА.
Тврдината Брегансон со текот на летата се претвори во втора Елисејска палата, каде францускиот претседател се сели за време на летната пауза. Истовремено таа се претвора и во дипломатска алатка, која тој ја користи за да ги почести своите меѓународни гости и да се обиде да ги реши жешките моменталните проблеми.
Откако Тереза Меј во 2018 година разговараше за Брексит, откако Владимир Путин минатата година се обиде да ја прклучи Русија повторно кон Европа, сега редот е на Ангела Меркел да добие почести во тврдината каде, во изминатите петнаесет години откако е на власт, таа никогаш не била поканета. Последната посета на германски канцелар датира од 1995 година, кога Франсоа Митеран го покани Хелмут Кол. За Емануел Макрон, кој ги сака симболите, тоа ја покажува важноста што тој му ја дава на состанокот.
-Посетата на Берганкон е исклучителна. Има само една годишно. Тоа е начин претседателот да ја покаже силата, енергичноста и квалитетот на француско-германските односи, се вели од опкружувањето на Емануел Макрон.
Со оглед на важноста на менито за разговори меѓу двајцата шефови на држави, симболиката на тврдината е уште поголема. Со кризата со коронавирусот, европскиот план за обнова, кризата во Белорусија, експлозијата што го уништи Бејрут, воениот пуч во Мали, тензиите со Турција во Медитеранот, нестабилноста во Либија, непријатното прашање за дерегулација на климата и се уште присутната проблематика со миграциите, француско-германската двојка треба да ја потврди својата цврстина. И да се осигура дека нема голема разлика за овие прашања меѓу двете држави.
Посетата на канцеларката нема да трае долго. Нејзиното пристигнување во Брегансон е закажано за околу 16 часот, по што ќе се одржи средба очи в очи со францускиот шеф на државата. На крајот од нивната средба, Емануел Макрон и Ангела Меркел ќе одржат прес-конференција, а потоа ќе имаат работна вечера проширена за членовите на нивните делегации.
Од јулскиот европски самит и стимулацискиот план од 750 милијарди евра, што ги изнудија Франција и Германија од „незгодните“ земји, Макрон и Меркел се приближија. Ова беше прв пат Германија да се согласи на некаков вид здружување на долговите. Сепак, сите несогласувања не се решени.
Додека Елисеската палата негира какво било несогласување со Германија во врска со односот на Турција кон Медитеранот, остануваат разликите во мислењата. Емануел Макрон стои цврсто наспроти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во Германија, на канцеларијата не и се допаѓа француското воено распоредување во источниот Медитеран за поддршка на Грците. По ова прашање, шефот на државата се бори да ја привлече Ангела Меркел на своја страна, која има три милиони Турци во нејзината земја.
За Емануел Макрон, оваа средба со Ангела Меркел ќе го започне неговото „дипломатско враќање“ на сцената и крајот на неговата летна пауза. Претседателот на Франција мора да го напушти Форт Берганкон на крајот на неделава за да се подготви за Советот на министри што ќе го претседава во понеделник. На менито презентацијата на владиниот план за пост-Ковид обновувањето, во висина од 100 милијарди евра.тг/сд/