Обрадовиќ за успехот со Црвена ѕвезда: Сферопулос направи добра селекција

Саша Обрадовиќ вчеравечер ја забележа втора победа во исто толку натпревари во својот втор мандат на клупата на Црвена ѕвезда. Со него на клупата, моќниот Реал беше поразен со 90:75 во петтото коло од Евролигата.

Обрадовиќ покажа дека е голем тренер, препишувајќи заслуги за успехот на својот претходник, Јанис Сферопулос.

– Бевме фантастични, особено во одбраната – во одредени моменти целосно ги запревме. Првенствено мислам на втората и третата четвртина. Навистина сум задоволен. Долга е сезоната, но сега моментумот е на наша страна. Сепак, не смееме да се опуштиме. Мора да се фокусираме на закрепнувањето на повредените играчи и да ги интегрираме назад во тимот. Тогаш ќе бидеме уште посилни. Очигледно Сферопулос направил добар избор на кошаркари. Не сакам да се истакнувам. Направив мали чекори. Најдов начини да ги зближам играчите. Тоа е најголемата тајна во нашата професија, рече Обрадовиќ.

На табелата во Евролигата, Црвена ѕвезда се наоѓа на 9. место со биланс три победи и два пораза.

Back to top button
Close