Образованието и превоспитувањето – втора шанса за малолетните деликвенти
5.342 деца под 14 години и младинци под 18 години со македонско државјанство се појавуваат во германската криминалистичка статистика во минатите пет години. Во овој текст пренесуваме каде се прави ресоцијализацијата на малолетните деликвенти во Германија, зошто формалното образование го нема во македонски поправен дом, како е тоа регулирано во Романија, и зошто деца и младинци се извезуваат како криминалци од Србија?
Бројот на девојчињата македонски државјанки, во однос на момчињата, е скоро двојно помал во германската криминалистичка статистика во минате пет години. Малолетните македонски државјани се појавуваат во неа со кражби, напади и нелегален влез и престој во државата, но и со случаи на компјутерски криминал и поседување, производство и дистрибуција на порнографија, пишува Нота.
Ресоцијализацијата во Германија се прави како во малолетнички затвори, така и во притворски центри. Покрај во затвор, според одлука на суд малолетните деликвенти во Германија може да се испратат и во притворска установа, за да добијат впечаток што ги очекува, доколку продолжат со криминал. Како тука е регулирана ресоцијализацијата прашавме во притворската установа во Дизелдорф.
„Има млади луѓе за кои е доста импресивно да се биде овде во малолетнички притвор овде. Можеби ова е првпат да бидат одвоени од семејството, а исто така и првпат да бидат затворени зад решетки. И само овде – во малолетничкиот притвор, сфаќаат до каде всушност ги довеле нивните постапки. И, се разбира, ова може да го има посакуваниот ефект и да ги натера младите да сфатат дека вака не сакаат да го поминуваат својот живот. Имено поминување многу месеци или можеби години зад решетки во вистински затвор. И овој ефект врз младите секако може да го има малолетничкиот притвор“, објаснува Морис Нинеман, наставник во Малолетничкиот притворски центар во Дизелдорф.
Во установата се наоѓаат и лица над 18-годишна возраст, кои делото го сториле како малолетници. Тие тука остануваат максимално четири недели и се наградуваат и казнуваат со влегување во црвена, жолта, зелена и сина фаза. Црвената значи исклучување од дневни активности. Младите смеат во придружба да излезат, да отидат на излет или пазаруваат продукти, за да готват во кујната.
„Ако сте во жолта фаза, таа фаза е само за остатокот од денот. Следниот ден младиот повторно започнува во зелена фаза, со цел да им пренесеме на младите дека секој ден добиваат нова шанса да играат според правилата. Нам ни е важно младите да се држат до правилата и да научат да се држат до правилата“, објаснува Нинеман.
Притворот е всушност воспитна или педагошка мерка. Притворениците не смеат да го напуштат центарот за да одат во училиште и го продолжуваат своето образование во установата.
Во Македонија, пак, се чека да се изгласаат измени во законот, што би требало да се случи до јануари 2025 година, за малолетните деликвенти во поправен дом конечно да добијат формално образование и училишни свидетелства – нешто што законодавецот го заборавил и не го регулирал.
„За детето да биде успешно на полето на остручувањето, тоа прво мора да биде описменето за да, на пример, го изучува угостителството. За да го прочита менито, коeшто денеска треба да го подготви, или рецептот за подготвување на еден оброк, тој мора да знае да чита и пишува. Е, тука лежи проблемот. Но, се надевам, очекувам и навистина сум убедена дека конечно ќе се изнајде решение за овој повеќегодишен проблем со немањето на образовен процес во нашата установа“, вели м-р Наташа Ристовска, раководител на одделение за третман при Воспитно-поправен дом „Тетово“.
Воспитно-поправниот дом „Тетово“ постои 1962 година. До 2001 бил во градот Тетово, па по палењето на објектот во воениот конфликт, домот бил преселен во Прилеп, па во Шутка, во Велес, во затворот Охрид, и од 2020 година се наоѓа во селото Волковија. Со тоа селење од еден во друг објект и град имало проблеми, поради мешањето со возрасни осудени лица, при што доаѓало до конфликти и не можело да се работи на ресоцијализацијата. Условите влијаеле на регрес во превоспитниот процес. Сега малолетниците во поправниот дом во тетовското село Волковија имаат обуки за компјутер, за фризер, молер, столарство и стекнуваат сертификати за тие вештини, но не и свидетелства за завршено образование.
„Ама што учиме ние свидетелство не добиваме. Тоа е добро што учевме, ама не е добро што не ни даваат свидетелство. Јас имам до трето одделение завршено школо. Ме исфрлија два-три пати од класот. Додека учев овде тие години да ми дадеа свидетелство подобро ќе ми беше надвор. Можеби ќе полагав за возачка. Сега сѐ од ново треба да учам. Тоа свидетелство да го стекнам пак треба да учам“, објаснува Емил (вистинското име познато на редакцијата, н.з.), кој е во поправниот дом поради грабеж, силување и убиство на жена. Тој со уште еден малолетник делото го сторил на 14-годишна возраст.
Во други држави се обрнува посебно внимание на завршувањето на формалното образование. Покрај во Германија, таков пример најдовме и во Романија. Го посетивме поправниот дом во романскиот град Крајова, во кој е организирано основно и средно образование во посебна зграда. Издржувачите на казната за делото сторено како малолетници смеат и да студираат на факултет.
Еден од издржувачите на казната е 21-годишниот Михаи Клуб, кој преку Интернет студира на Факултетот за економија и бизнис администрација во Крајова. Тој се нашол зад решетки поради убиство на таксист извршено на 15-годишна возраст.
„Една вечер, бев со еден пријател, бевме под дејство на дроги и повикавме такси да нѐ однесе до градот. Дојде до расправија помеѓу мојот пријател и таксистот, настана тепачка, по што возачот почина. Кога ме уапсија, бев деветто одделение. Потоа тука завршив средно училиште, завршив матура и сега сум втора година на факултет. Учам преку учење на далечина“, објаснува Клуб.
Годинава во поправниот дом во Крајова вкупно 101 основец, средношколец и студент ја почнал учебната година.
„Образовниот систем во центарот е дизајниран врз основа на реалните потреби на престојувачите во него. На пример, ако некој има завршено само две одделенија, јасно е дека треба да го продолжи своето образование. Има и млади луѓе на кои им е потребна програма за описменување за да научат да читаат и пишуваат. Така, ние ги идентификуваме овие потреби и интервенираме според приоритетите“, објаснува Татијана Мојчешану, портпаролка на казнено-поправниот дом во Крајова.
28.350 деца и младинци со романско државјанство се појавуваат во германската криминалистичка статистика во минативе пет години. Бројот на малолетниците од Србија во истиот временски период изнесува 11.630.
На југот на Србија постои селото Прќиловица, кое е познато по извозот на криминални деца во Европа. Во Ниш можевме да разговараме со пензионираниот полициски инспектор Братислав Тимотијевиќ, кој 20 години бил шеф на групата за сузбивање на малолетничка деликвенција. Тој тврди дека децата започнуваат со питачење, пред да направат покрупно дело и дека криминално поведение е дел од тамошната традиција.
„Секако ним фокусот им е на Сојузна Република Германија. Австија ним им е исто така многу битна, важна, блиска дестинација. Холандија и едноставно сите оние земји од Западна Европа. Тие одат таму кадешто можат да се инфилтрираат полесно, побрзо и на адекватен начин. Имавме ситуации каде секако Германците бараа од нас, како матична земја од која тие доаѓаат, да им помогнеме посебно кога се во прашање се родителите, а секако и постарите малолетници, кои веќе се евидентирани кај нас“, објаснува пензионираниот полициски инспектор Братислав Тимотијевиќ.
Германските власти од српската полиција добивале податоци за овие криминални малолетници, кои престојувале во Германија под лажен идентитет и лажна адреса на живеење.
„Знаете како, никој од нив тоа нема да Ви го потврди дека тие се село, кое е на лош глас, затоа што тие се генерално сите такви и така натаму. Многумина ќе речат дека тоа е само фама, дека тоа е направено поради неколку исклучоци и така натаму“, вели Тимотијевиќ.
Но, при посетата на селото Прќиловица, во кое многу од жителите живеат без струја и приклучок на вода, пред камерата се случи потврда дека децата просат на улица.
„Да, има. Ги има многу. Ги има многу. Бедна сиромаштија проси. Мора да проси. Нема. Кога стомакот гладен нема – мора. Подобро да проси, отколку да краде. Срамота е да проси, не е убаво, ама ако родителот не е запослен да работи, што ќе прави детето? Што ќе прави детето? Еве, тој просеше. Го фатија… Го фатија на просење во Ниш. Оди во училиште и кога оди во училиште… Не, кога не оди во училиште го наоѓаат и велат… Не, не, сега кажувам како што е. Не лажам“, вели Драган Тодоровиќ, жител на Прќиловица.
Финансиските проблеми, проблемите во семејството, малтретирањето, немање регулирана дневна рутина, лош избор на пријатели, доживеано насилство и несоодветна поддршка од институциите се некои од факторите кои доведуваат до тоа малетно лице да стане деликвент. Германски криминалисти оценуваат дека пет до седум проценти од малолетниците повторуват криминални дела. Од работата на институциите, во казнено-поправните домови, но и ангажманот на семејството зависи дали овие малолетници ќе се свртат повторно да бидат деликвенти.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработници: Сања Петров и Маријан Чиријак
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Малолетни деликвенти – меѓу детството и криминалот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.