Обука на наставници за воведување сеопфатно сексуално образование во четири пилот училишта
Во четири основни училишта во Скопје и Тетово, две во урбани и две во рурални средини, од идната учебна година во деветто одделение ќе почне пилот-програма за сеопфатно сексуално образование. Дотогаш наставниците што ќе предаваат ќе бидат обучени за модел најприфатлив за учениците, за потоа овој вид образование да се интегрира во образовниот систем.
На обуките, кои почнаа да се реализираат денеска преку Бирото за развој на образованието и во соработка со невладината ХЕРА, наставниците ќе ги стекнат неопходните знаења и вештини за сите тие теми поврзани со сеопфатно сексуално образование, согласно со последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години. Темите се однесуваат на род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуално, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото и врски и односи.
Министерката за образование и наука Мила Царовска на почетокот на обуката за наставници изјави дека денес не може да постои современо и квалитетно образование без да се оствари еден од националните стандарди од основното образование – личен и емоционален развој на секое дете кое завршува деветолетка.
-Во наставните програми досега не се зборувало ниту за емоции, ниту за лично прифаќање, ниту за ненасилство и градење релации и емоции со семејството, надвор од семејството, со врсниците, со опкружувањето во кое живееме. Верувам дека новиот концепт за основно образование, опфакајќи ги сите овие теми, директно ќе наметне теми, како превенција од насилство, зашто многу зборуваме, а малку се прави. Не секое дете има можност за своето семејство да зборува на овие теми. Сега на професионален и структуриран системски начин ќе треба да се зборува во училиштата, изјави Царовска.
Рече дека пилот-програмата во четирите училишта ќе покаже на кој начин учениците зборуваат и како ги стекнуваат овие информации, како тоа влијае на нивниот емоционален и личен развој и како понатаму во формалното образование ќе треба да се воведат овие теми.
Бојан Јовановски од невладината ХЕРА, која настојува повеќе од десет години да се воведе сексуално образование во училиштата, соопшти дека целта на програмата е да се измерат ефектите и влијанието од спроведување на овие теми за создавање позитивни ставови и вредности кај младите. Со воведувањето на наставната програма ќе се спроведува и евалуација која, рече, ќе ги покаже добиените резултати со цел да се види понатаму какво системско решение би можело да се интегрира во образовниот систем.
Ајша Ајрулаи од Бирото за развој на образованието соопшти дека се направени сите потребни подготовки за да почне обуката, а тие се состојат од развивање компетенции за овој вид образование за да се стигне до подоготвка на програмата која сега е пилот-проект во четирите училишта.
По завршувањето на обуката, наредната година ќе почне втората фаза во која сеопфатното сексуално образование ќе биде дел од изборните програми во пилот-училиштата. Наставната програма која е подготвена со експерти од БРО се состои од 36 училишни часа.
Пилот-програмата е поддржана од Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР) и Фондот за население при ОН – УНФПА.