Обука на социјални ментори за поддршка на процесот на работна интеграција

– Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), почна со обука на првата група социјални ментори од земјава (ментори за работна интеграција) коишто ќе ги подготвуваат тешковработливите лица при влез на пазарот на труд и ќе бидат нивна поддршка во процесот на работна интеграција.

Обуката се реализира според верификувана програма од Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование и наука, а селектираната група од десетмина професионалци коишто се обучуваат веќе директно работат со тешковработливи лица во рамки на своите матични организации и институции – младинци кои потешко се интегрираат на пазарот на труд, лица со пречки во развојот, безодомници и други лица во социјален ризик.

Како што информира Асоцијацијата „Паблик“, во првата половина на оваа година, програмата се тестираше со група од пет земји во регионот – Србија, Босна, Албанија, Косово и Северна Македонија, по повеќе состаноци со носители на одлуки и други стејкхолдери коишто ја нагласија потребата од поддршка во процесот на работна интеграција, за да има повисок степен на задржување на работните места од страна на овие лица.

– Искуствата од терен покажуваат дека поголем предизвик кај тешковработливите лица е да се задржи на работното место, отколку да се најде можност за работа. Методологијата за социјално менторство развиена од страна на „Паблик“ е креирана за да овозможи соодветна подготовка на тешковработливото лице тргнувајќи од неговите афинитети и потенцијали, но таа подразбира подготовка и на бизнисите за овозможување средина за успешна интеграција. Поврзувачот, мотиваторот, поддржувачот во овој процес на двете страни – вработениот и бизнисот, е социјалниот ментор, новиот профил на професионалци коишто ќе придонесат во создавањето инклузивен пазар на труд, но и ќе им помогнат на компаниите да не им се одлева работната сила, изјави Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.

Драгана Лазаревска, иден социјален ментор и координатор на Пункт за бездомници во Црвен крст изјави дека социјалното менторство е  новативен процес кој се фокусира на потенцијалите на лицата што општеството ги фрлило на маргините.

-Свесна сум за комплексноста на оваа улога, но тоа дополнително ме мотивира зашто социјалниот ментор е движечка сила во создавањето инклузивен пазар на труд, вели Лазаревска.

Според професорката по социјална работа и политика Мариа Доневска, која е меѓу авторите на едукативната програма и на методологијата за социјално менторство,  ваквиот приод на работа со ранливи лица ќе ја подобри позицијата на овие групи во општеството, а и ќе ја намали потребата од социјални трансфери.

– Главната сфера на човековата активност е работата, но сите немаат еднакви можности за влез на пазарот на труд. Веруваме дека новиот професионален профил – социјални ментори значајно ќе придонесе во успешната интеграција на тешковработливите, но и во нивниот професионален и личен развој, истакнува Доневска.

Развојот на методологијата и на едукативната програма е резултат на долгогодишната работа на „Паблик“ во областа на работна интеграција преку уличното списание „Лице в лице“ кое го продаваат лица од ранливи групи и кое го користи социјалното менторство во поддршка на продавачите да се интегрираат на отворениот пазар на труд.

Back to top button
Close