Обвиненија против лицата кои се обидоа да го урнат споменикот на потранешниот американски претседател Ендрју Џексон

Американските власти обвинија четворица мажи за минатонеделниот обид да ја урнат статуата на поранешниот американски претседател Ендру Џексон во близина на Белата куќа во Вашингтон.

Властите велат дека четворицата биле во групата која го оштетила и се обидела да го урне споменикот лоциран на плоштадот Лафајет.

Плоштадот е местото на протестите што се случуваат по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис, на крајот на минатиот месец, за време на насилна полициска интервенција.

Обвинетите се Ли Мајкл Кантрил од Вирџинија, Конор Метју Џуд од Вашингтон, Рајан Лејн од Мериленд и Греам Лојд од Мејн, кои биле регистрирани на видеата што кружат во јавноста.

Џуд беше уапсен во петокот, додека другите тројца сè уште се на слобода.

Американскиот претседател , Доналд Трамп, пред неколку дена се закани дека оние кои се обидуваат да ги оштетат спомениците во државна сопственост ќе се соочат со обвиненија и затворски казни до 10 години.

Трамп во петокот ја потпиша извршната одлука со која се наредува  гонење на демонстрантите кои ги оштетуваат спомениците.

Џексон бил седмиот американски претседател и сопственик на робови. Во 1830 година тој го потпишал законот што довел до насилно протерување на домородните Американци од територијата источно од реката Мисисипи.

Back to top button
Close