Обвинение против мажот што во јуни запали дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против мажот што во јуни годинава опожари две дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје. Со ваквото дело, посочуваат од Обвинителството, обвинетиот создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита.
Опожарените дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје / Фото: „360 степени“ (архива)
Според наводите на Обвинителството, обвинетиот на 15 јуни наполнил пластично шише со бензин на бензинска станица во близина на Амбасадата на Бугарија во Скопје, по што се упатил кон дипломатскиот објект, ги полеал со бензин паркираните возила што ги користеле вработените во Амбасадата, ги запалил и се оддалечил од местото.
Заедно со обвинителниот акт, до Судот е доставен и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, оценувајќи дека и натаму постојат причини поради кои мерката била определена и продолжувана.
„Околностите укажуваат на опасност обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и со тоа да го попречи водењето на кривичната постапка. При предлагањето на мерката предвид се земени и висината на казната пропишана за кривичното дело, како и природата на дејствијата што му се ставаат на товар, насочени кон сигурноста и правата на лица под меѓународноправна заштита, вклучително и дипломатски претставници“,велат од ОЈО ГОКК, додавајќи дека за кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот е предвидена затворска казна од најмалку една година
Владата и македонското МНР тогаш го осудија палењето на дипломатските возила во сопственост на Амбасадата на Бугарија и изразија очекување дека ќе биде спроведена брза и ефикасна истрага за случајот.
Македонското МНР очекува брза и ефикасна истрага по опожарувањето возила на Амбасадата на Бугарија во Скопје






