Обвинение за загадување во Охридско: Насипувале и рамнеле земја кај езерото
Четири лица се обвинети за загадување на животната средина и природата бидејќи насипувале и рамнеле земја на парцела која е прогласена за природна реткост како споменик на културата.
Станува збор за сопственикот на парцелата и тројца работници кои насипувале и рамнеле земја.
„Првообвинетиот, на 03.03.2021 година, зазел туѓа недвижност која со член 16 од Законот за сопственост и други стварни права е прогласена за добро во општа употреба, а со членовите 1 и 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е прогласена за природна реткост како споменик на природата. Тој ги ангажирал тројцата останати обвинети да извршат насипување со земја и рамнење на насипаната земја на површина од 829 метри квадратни, на парцела која е дел од Охридското Езеро и се наоѓа во непосредна близина на угостителски објект и на парцела во сопственост на првообвинетиот – соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга.
Од Обвинителството велат дека тројцата работници не биле свесни за последиците, но нагласуваат дека според своите лични својства биле должни и требало да бидат свесни за таа можност, со оглед дека работеле работни машини во непосредна близина на водите на езерото.
„Сите четворица обвинети можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, опасност за животот и здравјето на луѓето или уништување на растителен и животински свет од поголеми размери – смета ОЈО Струга.
Покрај за загадување, газдата на парцелата е обвинет и за кривично дело узурпација.