Обвинението против Имамоглу за турската опозиција не е правен акт, туку „пропаганда“
Партијата на затворениот турски опозициски политичар, Екрем Имамоглу, – Републиканската народна партија, го отфрли барањето за повеќе од 2.000 години затвор за поранешниот градоначалник на Истанбул како „документ за политичка пропаганда“, јави ДПА.

„Со ова обвинение, владата всушност откри дека сака на оваа земја да и ја одземе демократијата“, изјави денеска во Анкара, Дениз Јуџел, портпарол на Републиканската народна партија (CHP).
Тој рече дека обвинението не е правен акт, туку политички текст насочен кон целата партија.
Имамоглу се смета за најсилниот предизвикувач на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој беше уапсен во март под обвинение за тероризам и корупција и суспендиран од функцијата градоначалник на Истанбул.
Јавното обвинителство на Истанбул вчера го поднесе обвинението, со кое бара вкупно 2.430 години затвор за 142 кривични дела.
Според обвинението, политичарот е обвинет за основање и водење криминална организација, како и за поткуп и перење пари, покрај други обвиненија, пренесува германската агенција.
Обвинителството бара казни и за повеќе од 400 други осомничени, вклучувајќи ги таткото и синот на Имамоглу. Тие се обвинети за перење пари, што може да резултира со долги затворски казни, објави државната агенција Анадолија.
На списокот се наоѓаат и неколку новинари, соопшти државната агенција.
Меѓу обвинетите новинари е Рушен Чакир, еден од најистакнатите либерално-критички гласови во земјата. Според Анадолоја, тој е обвинет за поддршка на криминална организација, што носи затворска казна до четири години.
Обвинението сепак мора да биде прифатено од судот, иако ова се смета за формалност, јави ДПА.






