Обвинението за злоупотребите со програмата ИПАРД доби зелено светло од Кривичен, се чека на датум за почеток на судењето
Наскоро се очекува да биде закажан почетокот на судскиот процес за случајот со злоупотребите при доделувањето средства од ИПАРД-програмата, откако обвинителниот акт поднесен против пет лица добил зелено светло од Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје.

Дел од обвинителниот акт, како што информираа денеска од Кривичен, е и обвинителен предлог против четири физички и едно правно лице, односно фирма.
Со обвинителниот акт, пак, се опфатени пет физички лица, кои се товарат за повеќе кривични дела – давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание, примање награда за противзаконито влијание и примање поткуп, сите поврзани со користење средства преку ИПАРД-пограмата.
Предметот, велат од Кривичен, преку Автоматизираниот систем за управување со судски предмети – АКМИС, ќе биде распределен кај судија, кој дополнително треба да го закаже датумот за почеток на главната расправа.
Инаку, истрагата за случајот беше отворена на почетокот на ноември лани, кога екипи на Министерството за внатрешни работи координирани од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал извршија претреси на повеќе локации во државата, по што беа приведени пет лица.
На четворица од нив, меѓу кои и тогашниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјодeлството, Илија Стоилев, кој на функцијата беше поставен како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, скопскиот Кривичен суд им одреди притвор од 30 дена, додека за една од осомничените Обвинителството го измени предлогот и побара куќен притвор, што судот го прифати.
Првично Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бараше притвор за сите петмина осомничени.
Обвинителниот акт ОЈО ГОКК го поднесе на почетокот на февруари. Според Обвинителството, едно лице се товари за давање поткуп, еден за примање поткуп, а тројца се обвинети за примање награда за противзаконито влијание.
Првообвинет во случајот е управител на фирма кој аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поднел барање за користење средства преку ИПАРД. Бидејќи правното лице не ги исполнувало условите, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка, па со намера, условно кажано, да ја надмине ова пречка, управителот на фирмата ветувал и давал пари.
„На раководно службено лице во Агенцијата бил ветен подарок во износ од 50 000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5 000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена“,наведоа на 2 февруари од ОЈО ГОКК.
Обвинителството, тогаш соопшти и дека утврдило кривична одговорност и кај уште четири службеници во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој против кои е поднесен обвинителен предлог за злоупотреба на службената положба и овластување, а на правно лице на товар му се става делото давање поткуп.
Обвинетите службеници во Агенцијата се товарат дека спротивно на своите надлежности, овозможиле апликацијата незаконски да биде одобрена, така што и покрај некомплетната документација го одобриле образецот за комплетност на договорот, а потоа и решението за одобрување на финансиската поддршка.
Второобвинетиот, како што информираа од Обвинителството, иако бил свесен дека фирмата не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.
Со обвинителниот акт ОЈО ГОКК предложи и одземање на предметите за извршување на кривичното дело – мобилни телефони, електронски уреди за чување податоци и парични средства во износ од 35 370 евра, 206 000 денари и 200 швајцарски франци.
Дополнително за дел од обвинетите ОЈО ГОКК предложи да им бидат продолжени мерките притвор, односно куќен притвор, а на државните службеници да им бидат изречени мерки на претпазливост – забрана за вршење службени активности поврзани со кривичното дело, односно работни активности во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, одземање на пасошите и обврска за повремено јавување кај надлежен орган






