Обвинетите планирале свадби за своите деца со парите од откупот за Вања, рече обвинителката Јосифовска

На денешното рочиште за грозоморното двојно убиство што ја потресе македонската јавност, обвинителката Жаклина Крстевска–Јосифовска ги даде завршните зборови, во кои со детали го опиша ладнокрвниот и однапред испланиран начин на кој, според Обвинителството, е извршено киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски. Обвинителката истакна дека обвинетите со месеци го правеле планот, водени од материјален интерес, без грам совест и човечност – дури и покрај тоа што сите имале свои деца. Во центарот на приказната, според Обвинителството, стои монструозен мотив: со парите добиени од откупот за Вања, на своите деца да им обезбедат удобен живот.

„Најпрво сакале да обезбедат возило, кое нема да биде барано, кое нема брзо да биде пронајдено. Анализирајќи неколку месеци, одлучиле да го грабнат Панче, кој има „цитроен“ со голем гепек, а живеел сам. Со тоа возило во петокот на 24 ноември се обиделе да го грабнат девојчето, откако таткото претходно им кажал дека секој петок таа сама оди на училиште. Не успеале да ја грабнат во петокот, но не се откажале. Кога инцидентно во неделата ја добиле информацијата од Александар дека во понеделник на 27 Вања по исклучок ќе оди сама на првиот час, во неделата вечер Манев и Видевски експресно пристигнале од Велес во Скопје, за утрото да го извршат злосторството. Со „рено кангото“ и со „цитроенот“, во понеделникот наутро, со радио-станици за комуницирање, со оставени телефони, тргнале да ја грабнат Вања. Ја убиле и Вања, брзо, ладнокрвно, сигурни во монструозниот план дека никој никогаш нема да дознае за злосторот. Немале никакво чувство, иако и самите имале деца, немале чувство кон Вања. Сакале со парите за Вања на своите деца да им обезбедат свадби, погодности“, рече обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close