Обвинетите во ,,Талир 1″ по трети пат бараат изземање на обвинителката Ристоска
На денешното судско рочиште за случајот ,,Талир 1″, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, обвинетите побараа изземање на обвинителката Ленче Ристоска. Адвокатите појаснија дека Ристоска доаѓа од скопското обвинителство, а го застапувала предметот кој е под надлежност на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, со овластување кое и било дадено уште од поранешниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески.

Обвинителката Ристоска истакна дека и таа самата се обратила до републичкото обвинителство за завземање на правен став дали е потребно обвинител да се изземе во ситуација како нејзината, односно е цел на напад на обвинетото правно лице, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, а таа презема мерки за заштита.
-Не ме изненадува барањето за изземење, не е прв пат обвинетите да бараат јас да не бидам обвинителот кој го застапува обвинението. Јас лично сметам дека не се исполнети условите за изземање, но имајќи ги во предвид променетите околности, и јас се обратив со барање до Републичкото јавно обвинителство за завземање на правен став, дали во вакви ситуации, за заштита на обвинител на напади од обвинето лице, и кога обвинителот превзема мерки за личниот интегритет, дали е потребно обвинителот да се изземе. Ќе напоменам дека се уште немам одговор на ваквото барање, рече обвинителката Ристоска.
Збор побара и обвинетиот Илија Димовски, кој додаде:
-Во овој конкретен случај имаме сомнеж и од двете странки и од одбраната и од обвинителката, од евентуален судир на интерес. Значи на ист став сме дека има дилеми и треба правно да се разрешат, рече Илија Димовски.
Судењето кое денеска требаше да почне по 6-ти пат од почеток, се одложува додека не се изјасни в.д. републичката јавна обвинителката Анита Топалова- Исајловска за изземањето на обвинителката Ристоска.
Во случајот се обвинети екс-премиерот Никола Груевски, како и Илија Димовски, Кирил Божиновски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески. Предметот започна во февруари 2019 година






