Обвинителен акт за докторот од Вевчани кој 6 години работел без диплома
Основното јавно обвинителство Струга постапувајќи по поднесена кривична пријава, оформи предмет против докторот од Вевчани кој 6 години работел без диплома.во здравствениот дом во Вевчани. Обвинителството соопшти дека докторот иако знаел оти не поседува документација која е потребна за вработување, изготвил лажни исправи, фалсификат уверение за положени испити на факултет за медицински науки и фалсификат уверение и лиценца од Лекарската комора. Документите ги употребил како вистински и со нив во два наврати се пријавил на оглас за работно место – доктор во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани. Првиот пат на огласот во 2016 не бил избран, но во 2018 бил селектриран и вработен.
Со употреба на лажните документи пријавениот ги довел во заблуда членовите на Комисијата за селекција при вработувањето дека ги исполнува условите предвидени во Законот за здравствена заштита. По основ на договорот за вработување, во периодот од 26.11.2018 до 19.10.2022 година, а и претходно со склучени договори на дело, пријавениот извршувал работни задачи на работно место – доктор по медицина без соодветна стручна подготовка и се занимавал со лекување и давање медицинска помош. На овој начин тој го довел во ризик здравјето на пациентите, односно постојат сомненија дека сторил кривично дело надрилекарство“, велат од струшкото Обвинителство.
Дополнително, при целосното испитување на наведениот настан, Основното јавно обвинителство Струга дојде до други сознанија врз основа на кои оформи уште два други предмети.
Од обезбедената документација, Основното јавно обвинителство Струга дојде до сознанија дека на оглас за вработување во 2019 година во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани се пријавиле две кандидатки кои не поседувале лиценци во тоа време. И покрај тоа, Комисијата за селекција при вработување констатирала дека тие ги исполнуваат законските услови. Со оглед на тоа што без лиценци тие не можеле да бидат вработени како лекари во здравствена установа, со нив бил склучен договор и биле примени како приправници. Откако неколку месеци подоцна ги обезбедиле лиценците, без да биде распишан нов оглас, со двете кандидатки биле склучени договори за вработување.
Имајќи ги предвид ваквите сознанија, Основното јавно обвинителство Струга испитува наводи за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и Несовесно работење во службата според член 353-в од Кривичниот законик за директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани, како и за тројца членови на Комисијата за селекција при вработување“, додаваат од Обвинителството.