Обвинителен акт за петмина наркодилери до случајот „Грчец“, се бараат екстрадиции од Дубаи, Хрватска и од Шпанија
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе Обвинителен акт против пет лица во предметот „Грчец“. За останатите осомничени во предметот, постапката ќе продолжи кога ќе бидат обезбедени, додаваат од Обвинителството.
Според описот на Обвинителниот акт тројца од обвинетите како припадници на организираната меѓународна криминална група извршиле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од чл.215 ст.3 од Кривичен законик.
„Тие како припадници на организирана меѓународна криминална група, заедно со други лица од кои дел се осомничени во предметот и се недостапни на органите на прогонот, дел се починати, а дел веќе осудени, заеднички делувале, секој во својата улога на неовластена набавка, пренесување, држење, продажба и посредување во купопродажба. Во повеќе наврати во текот на 2020 година овие тројца обвинети биле инволвирани во неовластено купување на 15,005 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава“, пишува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Меѓународната криминална група чии припадници се обвинетите, делувала во временскиот период од јуни 2019 до март 2021 година при што во повеќе наврати спровела неовластено купување на наркотична дрога-кокаин од земјите од Јужна Америка, организирајќи го и нејзиното пренесување преку воден пат до европските земји. Неовластеното пренесување на наркотичната дрога-кокаин наменета за неовластена продажба во Р.С. Македонија од Белгија и од Албанија преку Косово го договарал и организирал еден од осомничените во предметот – недостапен на органите на прогонот кој е организатор на групата во РСМакедонија.
На останатите двајца обвинети им се става на товар дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од Кривичниот законик.
Предметниот обвинител доставил и посебен предлог на обвинетите да им се продолжи мерката притвор заради постоење на можност обвинетите да се дадат во бегство или да го повторат делото.