Обвинителите бараат четири години затвор за градоначалникот на Истанбул за навреда на членови на Врховниот изборен орган

Турските обвинители побараа казна до четири години затвор за градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, за навреда на изборните службеници, наведе турската државна агенција Анадолија.

Во јуни 2019 година, откако претходните избори беа поништени поради обвинувањата на владеачката партија АКП дека не биле регуларни, на повторените избори Имамоглу беше избран за градоначалник на најголемиот турски град како кандидат на најголемата опозициска Републиканска народна партија.

Според обвинението, пренесено од Анадолија, се бара Имамоглу да биде осуден на четири години затвор за навреда на членовите на Врховниот изборен одбор во говорот што го одржа по откажувањето на првиот круг од изборите во март 2019 година.

Турските медиуми го цитираат неговиот став дека „поништувањето на изборите влијае на меѓународната позиција на Турција и дека официјалните лица кои ја донеле таа одлука се будали“.

Имамоглу во писмена изјава ги негираше обвинувањата.

Неодамнешните анкети покажуваат дека популарноста на Имамоглу ја надмина онаа на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, пред претседателските избори во 2023 година.

Back to top button
Close