Обвинителот ги пофали Мијалков и Тачи за добро поведение


За добро и културно однесување и почитување на судот, ги пофали скопскиот главен обвинител Гаврил Бубевски поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи при давањето завршни зборови на предметот „Титаник 2“.

Откако обвинителот Бубевски побара Мијалков, Тачи и ексчленовите на Државната изборна комисија да бидат огласени за виновни во случајот „Титаник 2“, предмет кој се однесува на изборни нерегуларности и обвинетите да одговараат според степенот на кривично дело, тој ги наведе отежнувачките и олеснувачките околности за секој од нив.

– Бараме да ги огласите за виновни и да ги казните за стореното кривично дело, ценејќи ги сите отежнувачки и олеснувачки околности – кажа обвинителот.

За ексчленовите на ДИК тој посочи дека за нив не се водат други постапки, не се осудувани, што се околности за поблага казна. Но, според Бубевски, злоупотребата на нивното знаење и незаконитостите што ги правеле пред очите на јавноста се отежнувачки околности.

За Мендух Тачи, Бубевски кажа дека судот како отежнувачка околност треба да ги има во предвид директната умисла, поттикнување и околностите, но и да го акцентира неговото почитување на судот и на обвинителството.

Бубевски и за Мијалков посочи отежнувачки и олеснителни околности.

– Кај Мијалков отежнувачка околност е степенот на кривична одговорност, побудите зошто го сторил кривичното дело, фактот што против него се водат други кривични осуди, како и тоа што има правосилна пресуда. Треба да се земе во предвид неговото културно однесување, почитувањето на судот – заклучи обвинителот.

Back to top button
Close