Обвинителот најавува скорешна одлука за предметот на директорот на АНБ, Бојан Христовски

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски најави дека за скоро ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за предметот кој го води скопското Јавно обвинителство за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

– Сè уште се преземаат дејствија и за тој предмет и ќе има одлука. Јавниот обвинител презема дејствија и набргу ќе има јавнообвинителска одлука – рече Коцевски. Тоа значи дека наскоро ќе се знае дали ќе се отвори истрага за неговиот сертификат по англиски јазик.

Минатиот месец Коцевски објави дека конечно добиле одговор од бугарските власти преку меѓународна правна помош за наводите дека сертификатот за англиски јазик на директорот Христовски е фалсификат.

Сепак, наведе дека тоа што го добиле било поттик да испитуваат и други околности и факти и најави дека наскоро ќе излезат со јавнообвинителската одлука.

Предметот според извори на фокус мк неофицијално го води обвинителот Владимир Милошевски

Антикорупциска одлучуваше за овој предмет и реши дека немаат надлежност да утврдуваат дали некој документ е фалсификат или не, а формално-правно документите биле доставени и Христовски ги исполнил условите.

Со 5 гласа „за“ ја запре постапката, а предметот за првиот човек на АНБ го затвори и го архивираше.

За Антикорупциска не беше спорен ниту ТОЕФЛ сертификатот за познавање англиски јазик, ниту дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје на Христовски, за кои се дигна најмногу врева во јавноста. Овој предмет заврши во Обвинителството, но се чекаше одговорот од бугарските власти.

Back to top button
Close