Обвинителство изврши увид во куќата каде едно лице го убил неговиот внук од сестра и малолетниот син а потоа се самоубил

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на лице место во куќа во центарот на Прилеп каде биле пронајдени безживотните тела на 11-годишно дете и двајца мажи на возраст од 43 и 63 години.

-Според првичните сознанија, 63-годишникот најпрво го лишил од живот својот внук од сестра и неговиот син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. По извршување на делото, мотивите за стореното ги објавил и на една социјална мрежа, а потоа се самоубил, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на починатите, како и за прибирање на сите траги, оружје и муниција пронајдени на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење.

 

По Основното јавно обвинителство, и Министерството за внатрешни работи излезе со детали за синоќешниот настан во Прилеп, каде 62-годишник смртно ги застрела внукот од сестра, и неговиот 13-годишен син, по што се самоуби. Од МВР за 360 Степени велат дека во 21 часот и 20 минути, мајката и сопруга на сега убиените лица пријавила дека тие се оддалечиле од нивниот дом и оти веројатно отишле во куќата на нивна роднина, 62-годишниот П.Ѓ. од Прилеп.

Полициски службеници направиле проверка во неговиот дом, но никој не ја отворил вратата, по што по наредба на јавен обвинител, полцијата со употреба на сила ја отвориле вратата, а во моментот кога влегле внатре, едно лице фрлило експлозивна направа кон нив која почнала да чади, но не експлодирала.

Откако полициските службеници излегле од куќата, убиецот започнал да пука кон нив, при што тие возвратиле со пукање од службено оружје кон куќата.

„ Денеска (13.07.2025) во 01.35 часот од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт како последица од повреди од огнено оружје кај П.Ч., П.Ѓ. и 13-годишен малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,информираат од МВР.

Претходно, од Основното јавно обвинителство информираа дека причина за крвавиот пир на убиецот кој потоа си го одзел животот се семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. Откако го извршил грозоморниот чин, мотивите за стореното дело ги објавил на социјална мрежа.

Back to top button
Close