Обвинителство: Се утврдуваат причините за несреќата со мигрантите и другите околности околу настанот
По насоки на јавен обвинител, увид на лице место извршија увидни екипи на МВР, се постапува за утврдување на причините за несреќата и другите околности на настанот. Ова го изјавија денеска за МИА, од Јавното обвинителство, по синоќешната сообраќајка во која имаше повредени мигранти.
![](https://libertas.mk/wp-content/uploads/2021/03/ojo-povede-postapka-zaradi-prona-dena-droga-300x185.jpg)
Како што веќе информираше МВР, синоќа во 18.20 часот во Полициската станица Валандово било пријавено дека на магистрален пат М-1, во близина на клучка за село Марвинци, валандовско, товарно возило „сканија“ со приколка, со скопски регистерски ознаки, излетало од патот.
Возачот се дал во бегство, а на лице место биле пронајдени 49 мигранти, кои според нивно кажување биле од Сирија. Во несреќата едно лице мигрант се здобило со тешки телесни повреди, а 34 се здобиле со телесни повреди, констатирани во Медициските центри во Гевгелија и Струмица.
Останатите лица мигранти биле пренесени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ Гевгелија. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Велес, а увид на местото извршила екипа на Полициска станица Валандово.