Обвинителство за „Онкологија 2“: Tерапијата на клиниката наместо во аптека, завршувала кај директорот – се давала по личен избор

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска тврди дека сведочењата за случајот „Онкологија 2“ потврдуваат финансиски малверзации и незаконско постапување со терапијата на Клиниката, која, наместо во аптека, завршувала кај директорот и се давала по личен избор.

По завршувањето на денешното судење за предметот на кое денеска сведочеа тројца сведоци на предлог на Обвинителството, таа изјави дека исказите на сведоците потврдуваат финансиски малверзации и незаконско постапување со терапијата на клиниката

-Терапијата која не смеела да биде кај директорот, тој најнормално ја вадел од канцеларија и ја давал на пациенти по сопствен избор. Таа терапија мора да биде во клиничка аптека. Сведоците потврдија дека имало вишок терапија раздолжувана на име на пациенти, што логично води до заклучок дека завршувала кај обвинетиот Васев, нагласи Гоговска.

Адвокатот Боби Спирковски, бранител на обвинетиот Никола Васев, го критикуваше обвинителниот акт, нарекувајќи го „непрецизен, нејасен и незаконит“.

-Денеска видовте што значи лош обвинителен акт – се предлагаат докази кои немаат врска со обвинението. Со ова се кршат уставни права на обвинетите, вклучително и правото на брза и ефикасна постапка, како што предвидува член 6 од Европската конвенција, изјави Спирковски, додавајќи дека актите на ЈО се „непрофесионално и нестручно направени“ и требало да бидат повлечени.

На денешното рочиште беа сослушани тројца сведоци – онкологот Ненад Митревски, членката на Управниот одбор, Биљана Гроздановска и Гоце Кузев, син на пациент лекуван на Клиниката.

 

Back to top button
Close