Oбвинителството бара на Латас да му се одземе и пасошот поради промовирање насилство врз жени
Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутуберот Стефан Лазаров, за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
Поради опасност од бегство, јавниот обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да определи мерка на претпазливост за обвинетиот Павловиќ-Латас – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Обвинението е поднесено по интервјуто на Лазаров со Павловиќ-Латас емитувано минатата недела, во кое Латас раскажува дека како 15-годишник тој и неколку другари злоставувале и силувале девојка која била претепана. Притоа, обајцата со Лазаров се смеат за насилството.
Од Обвинителството велат дека, особено имајќи ги предвид меѓународните обврски кои произлегуваат од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, но и влијанието и последиците од постапките на двајцата обвинети врз јавниот морал и интерес, за двајцата обвинети е предложена мерка – „забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело кое им се става на товар, односно забрана за каков било јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал“.