Обвинителството бара притвор и за поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција побара притвор за осум лица и мерки за претпазливост за уште четворица осомничени во истрагата за наводна проневера на повеќе од 180 милиони денари во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Сите 12 лица приведени во вчерашната акција, меѓу кои и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, кој треба да одлучи по барањата на Обвинителството. Петмина осомничени засега се недостапни за органите на прогонот.
– Advertisements –
Второосомничениот, поранешниот претседател на ФФМ Муамед Сејдини, веќе се наоѓа во притвор во рамки на друг предмет за кој се води постапка.
Јавниот обвинител Фатон Азизи изјави дека истрагата опфаќа 18 физички и осум правни лица, а според досега обезбедените докази, во периодот од 2015 до 2019 година биле реализирани стотици исплати за услуги и стоки кои, според сомневањата на истражителите, никогаш не биле испорачани на ФФМ.
– Прво- и второосомничениот, како претседатели на ФФМ, потпишале вкупно 728 платни налози врз основа на документација подготвена од раководителката на Одделението за финансии и сметководство. Со исплатите за непостоечки услуги и стоки на Федерацијата ѝ е нанесена штета од околу 180 милиони денари – изјави Азизи.
Според Обвинителството, поранешните претседатели на ФФМ и раководителката на финансискиот сектор се осомничени за кривично дело проневера во службата, додека управителите и сопствениците на фирмите опфатени во истрагата се товарат за помагање во извршување на делото и за перење пари.
Истражителите тврдат дека преку фактури со невистинита содржина биле исплаќани средства за услуги и производи кои никогаш не биле испорачани, а потоа парите биле пуштани во легален финансиски промет за да се прикрие нивното потекло.
Акцијата е резултат на повеќегодишна предистражна постапка, спроведена во координација меѓу Обвинителството за организиран криминал и корупција, Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи.
Според Финансиската полиција, вкупната штета нанесена на ФФМ изнесува 180.802.365 денари, односно речиси три милиони евра.






