Обвинителството бара притвор за Нацев, „тајниот“ сопственик на „Рубикон“

Обвинителството денеска информираше дека истрагата за трагедијата во Кочани е проширена за уште едно лице, односно го уапсиле реалниот сопственик на агенцијата „Рубикон“, која ја обезбедуваше дискотеката „Пулс“. Дека Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ е „сокриениот“ сопственик на „Рубикон“ изминатиот периот пишуваше и неделникот „Фокус.

Од Обвинителството бараат притвор за Нацев.

—Врз основа на судска наредба вчера беше извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што беше одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди. Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор, велат од Обвинителството.

Нацев на 16 март излезе со информација дека нема никаква негова поврзаност со трагедијата

„Сочувство до фамилиите на сите 59 трагично згаснати животи во Кочани, меѓу кои има и мои блиски лица. Сакам да нагласам дека информациите за моја поврзаност со овој настан се дезинформација и шпекулација. Тоа се само обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени“, напиша Нацев.

Нацев е ексдиректор на Дирекцијата за класифицирани информации од 2015 до 2017 година, кога со Владата раководеше ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Важеше и за истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, од чија говорница држеше и прес-конференции. Нацев e и извршен директор на ЦБИ и Декан на Факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот Универзитет во Скопје.

Back to top button
Close