Обвинителството има намера да побара смртна казна за осомничениот за убиството на Чарли Кирк
Американското обвинителство денеска соопшти дека има намера да побара смртна казна за Тајлер Робинсон, обвинет за убиство на американскиот патриот Чарли Кирк.
Робинсон денеска беше официјално обвинет за серија тешки кривични дела: убиство, користење огнено оружје што предизвикало тешки телесни повреди, попречување на правдата, манипулирање со сведоци и извршување насилство во присуство на деца.
Првите две точки од обвинението доаѓаат со отежнувачки околности бидејќи државата Јута верува дека Робинсон го нападнал Кирк поради неговите политички убедувања и знаејќи дека деца биле присутни и ќе бидат сведоци на пукањето, изјави окружниот обвинител на Јута, Џеф Греј, објави Си-Би-Ес.
-Обвинението за попречување на правдата се заснова на напорите на Робинсон да ги скрие доказите од пукањето, рече Греј.
Обвинението за манипулирање со сведоци се однесува на тоа што Робинсон наводно му рекол на својот цимер да ги избрише пораките и да не разговара со службени лица, додаде Греј.
Обвинителот Греј рече дека поради наведените околности поднел известување за намерата да побара смртна казна во овој случај, додавајќи дека Робинсон ќе продолжи да биде притворен без кауција.
Тој, исто така, изрази сочувство и се молеше во името на семејството Кирк и сподели порака за поддршка за оние кои беа сведоци на пукањето на Универзитетот во Јута.
„Убиството на Чарли Кирк е американска трагедија. Кирк беше убиен додека практицираше едно од нашите најсвети и најскапоцени американски права, темелот на нашата демократска република- слободната размена на идеи и потрагата по вистината, разбирањето и посовршеното единство“, рече обвинителот Греј.