Обвинителството изврши увид на местото на пукањето на Пластичарска и нареди вештачење на трагите
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издал наредби за вештачење на трагите кои биле прибрани од местото на настанот на булеварот „Никола Карев“ или т.н. Пластичарска улица во Скопје, каде што во пукотница што се случи синоќа едно лице е убиено, а две други се ранети.
Како што соопштија утрово од републичкото Јавно обвинителство, се преземаат и други дејствија, а Министерството за внатрешни работи (МВР) работи на откривање на сторителите.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со увидни екипи од МВР, во текот на ноќта вршеа увид на булеварот ‘Никола Карев’ каде што со пукање од огнено оружје беше лишено од живот едно лице, а уште две се повредени. Јавниот обвинител издаде наредби за вештачење на трагите прибирани од самото место, а се преземаат и други дејствија. Министерството за внатрешни работи постапува за откривање на сторителите“,се наведува во соопштението на Обвинителството.