Обвинителството не најдe основ за постапување против организаторот на извидничкиот камп „Секс скаутс и рок енд рол“

Јавното обвинителство реши да не поведе постапка против организаторот на извидничкиот камп „Секс скаутс и рок енд рол“, иако тројца родители пријавија во полиција дека нивните деца учествувајќи на овој камп биле изложени на несоодветни, експлицитни активности, кои вклучувале боење на половите органи и нивно пресликување на хамер, под плаштот на сексуалната едукација.

Обвинителството ги испитало сите учесници на настанот и одзело мобилен телефон на еден од водичите на кој се очекувало да се пронајдат записи кои произлегуваат од настанот, а кои би можеле да послужат како доказ во кривичната постапка. Не нашле видео и фотографски докази, а организаторот, „Прв Скопски извиднички одред“ бил испрашан по што обвинителството утврдило дека нема елементи на кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193-а од КЗ или друго кривично дело.

Сите испитани инволвирани учесници, почнувајќи од волонтерите водичи преку самите извидници кои учествувале на настанот, навеле дека станува збор за настан кој се одвивал во повеќе етапи. Покрај класичните извиднички дејствија, а тоа е преминување одредена територија пешки, врзување јазли, логорување, подготовка на храна и слично, биле додадени и вежби и активности кои што претставуваат сексуална едукација на лицата кои што учествувале со нагласка дека станува збор за лица на возраст од 16-21 година.

Дејствијата биле насочени како превентивни, но и едукативни материјали кои директно и индиректно би значеле заштита од венерично преносливи заразни болести и заштита од несакана бременост. Ова било спроведено низ игри и вежби, за кои анализата дали одговараат или не на возраста на учесниците и дали природата на вежбата е во согласност со нивните потреби може да се врши низ социолошки аспект, но не и да биде предмет на кривично-правна одговорност, бидејќи дејствијата не ги содржат елементите на предметните кривични дела предвидени во законот, велат од Обвинителството и потенцираат дека нема да има јавнообвинителско постапување.

Back to top button
Close