ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДИСТРАГА ЗА ДУПКАТА ОД 7,3 МИЛИОНИ ЕВРА ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА ОДЗЕМЕН ИМОТ ШТО ЈА ОТКРИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

Недостасуваат 7 милиони евра во државниот буџет, кои од страна на Агенцијата за одземен имот не биле уплатени, а се од продаден имот стекнат на криминален начин.

Овој имот е запленет со правосилни судски пресуди, зашто е стекнат со криминал и со него управува Агенцијата, која не смее да ги злоупотребува парите од неговото отуѓување.

Во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) има утврдено многу неправилности во работењето на Агенцијата.

За оваа дупка во државниот Буџет, како и за другите неправилности што ги утврди ДЗР, како на пример безусулно трошење од страна на директорите на Агенцијата под ставки „договорни услуги“ и „други тековни расходи“, Обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека веќе отворило предистрага.

Не ги уплатиле сите пари во Буџетот, нивните финансиски извештаи не се точни, а проблеми се утврдени и кај квалификациите на вработените во Агенцијата за управување со одземен имот. Ова се дел од забелешките на ревизорите кои утврдиле дека има недостиг на средства уплатени во Буџетот.

„Анализата на остварените приходи од продажба на одземен имот и уплатените средства во Буџетот на државата реализирани од Агенцијата во период од 2011 до 30 септември 2024 година упатуваат дека од остварените вкупни приходи во износ од 1.650 милијарди денари, во Буџетот на државата уплатени се 1.205 милијарди денари, односно уплатени се 445 милиони денари помалку“, наведува Државниот завод за ревизија.

Ревизорите утврдиле и дека како неискористени парични средства на депозитната сметка на Агенцијата, на 31.12.2023 година се нашле 40.721 илјади денари, кои не се уплатени во Буџетот на државата.

Менаџментот на Агенцијата за одземен имот низ годините најмногу трошел за „договорни услуги“, каде што можел да набута какви сака трошоци, како и за слична ставка, „други тековни расходи“.

„Во истиот период, од 2013 заклучно со 30.09.2024 година, од остварените приходи потрошени се вкупно 10.519 илјади денари по разни основи од редовното работење на Агенцијата, најмногу за т.н. договорни услуги. Во 2023 година на овој начин се потрошени 4.771 илјади денари“, се наведува во извештајот.

Натаму, трошењето на овие средства добиени од продажба на одземените предмети и недвижен имот, било спротивно на Законот за буџети, зашто било без усул. Односно, расходите биле поголеми од максималните кои ги утврдува државата за буџетските корисници.

Трошоците пак за службени возила, мобилни телефони и кафански услуги, од 1.168 илјади денари, се евидентирани без да бидат потврдени дека се во рамки на лимитите утврдени согласно Упатството колку може максимум да потроши централната власт.

Ревизорите исто така утврдиле дека поради слабости во начинот на спроведување и реализација на постапките за набавка на гориво, сервисирање на возила и канцелариски материјали, набавени се стоки во износ од 695 илјади денари за кои не се спроведени соодветни постапки согласно Законот за јавни набавки.

Ревизорите утврдиле многу неправилности во Агенцијата за одземен имот:

– подзаконските акти кои го уредуваат начинот на постапување и евидентирање со одземениот имот, не се објавени во Службен весник. Иако се објавени на веб страната, истите не содржат архивски број, датум на нивно донесување и потпис од претседателот на УО како потврда за нивната валидност;
– подзаконските акти со кои е пропишан начинот на вршење на прием на одземените предмети и начинот на водење евиденција на податоци за одземениот имот и предмети не се применуваат во целост;
– за одземените предмети за кои Агенцијата нема услови веднаш да ги преземе во своите магацини, не се води евиденција со податоци за видот на движниот имот и субјектот каде тие локациски се наоѓаат, ниту пак се врши попис на истите. Заклучно со 31.12.2023 година во царинските испостави се наоѓаат 46, а во МВР 689 моторни возила без проценета вредност;
– воспоставената пракса на отстапување на конфискуваните предмети и моторни возила не овозможува рамноправност на институциите за користење на истите бидејќи Агенцијата не ги информира институциите од централната и локалната власт, како и формираните ЈП и АД од нивна страна, за одземените предмети со кои располага;
– чувањето и складирањето на одземените предмети и моторни возила не овозможуваат заштита на истите од уништување, намалување и губење на нивната вредност;
– не постои транспарентност на постапката за продажба на недвижен имот, одземени предмети и конфискуван имот.

Сите овие работи ќе ги испита Обвинителството.

Back to top button
Close