Обвинителството потврди: можно проширување на истрагата и кон Град Скопје, поврзани со нехигиената во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје ја проширува својата активност околу случајот со несобирањето на отпадот во главниот град. Оттаму за „Скопје1“ потврдија дека наредбите за проверки не се ограничени само на ЈП „Комунална хигиена“, туку можат да ги опфатат и други институции со надлежност во оваа област. До сето ова дојде откако Скопје повторно се „поплави“ во смет.
„Наредбите за проверки се однесуваат на сите институции што имаат надлежност. Во прв момент тоа е ЈП Комунална хигиена, меѓутоа не е исклучено да бидат опфатени и други органи“, изјавија од Обвинителството, на прашањето дали во рамките на истрагата може да бидат опфатени и други институции како Град Скопје, со кој раководи градоначалничката Данела Арсовска, а кој е основач на претпријатието.
Претходно, од ОЈО Скопје соопштија дека веќе постапуваат и преземаат дејствија за обезбедување докази за можни кривични дела поврзани со работењето на ЈП „Комунална хигиена“.
Јавниот обвинител издал наредби до МВР и други надлежни органи за итно постапување и проверки, како и барања до комуналните инспекциски служби за спроведување вонреден инспекциски надзор и утврдување на моменталната состојба со собирањето и транспортирањето на отпадот.
Со ова, истрагата влегува во поширока фаза, во која се очекува да се утврди дали пропустите во работењето на „Комунална хигиена“ и можната одговорност кај Град Скопје, како и дали има елементи на кривична одговорност.
објави Скопје1.мк