Обвинителството со листа на докази од 83 точки за обвинетите деветмина полицајци за „Пулс“
Со читање на листа од 83 докази што ги предложи обвинителката Спасенка Андонова, денеска продолжи судењето на деветтемина полициски службеници обвинети во случајот „Пулс“.

За злоупотреба на службената положба и овластување се обвинети Димче Аврамов, Јане Трајчев, Александар Атанасов, Влатко Илиев, Александар Темелков, Гоце Ристов, Боби Гидиовски, Влатко Наумов и Гоце Иванов.
Според обвинителството, тие со злоупотреба на службената положба и овластување овозможиле кабарето „Пулс“ во Кочани да добие согласност за работа, иако не биле исполнети законските услови. Во пожарот што избувна во објектот пред повеќе од една година загинаа 63 лица.
Во текот на рочиштето обвинителката Андонова читаше службени белешки од извршените полициски контроли во дискотеката, како и документација за полициските овластувања и обврски на службениците поврзани со постапката за давање согласност за работа.
Непосредно пред почетокот на судењето, од судницата беше отстранета сопругата на еден од обвинетите, која присуствуваше како дел од јавноста. Таа беше отстранета поради непочитување на правилата во судницата, откако и покрај неколкуте предупредувања од судската полиција продолжила да пуши електронска цигара и гласно да разговара.
На следното рочиште ќе продолжи изведувањето на доказите, како и сослушувањето на тројца сведоци предложени од Обвинителството.
Според обвинителката Андонова, сведоците треба да дадат исказ за проверките што полициските службеници ги извршиле или не ги извршиле, а кои биле од суштинско значење при давањето согласност за работа на дискотеката „Пулс“.






