Обвинителството за сторијата на ИРЛ: Сите наведени докази Јавното обвинителство ги има предвид и по нив постапува и врши проверки
Во однос на објавената сторија на ИРЛ во која во ниту еден момент не беше побаран став од Јавното обвинителство, ви проследувам официјална информација:
Сите наведени докази Јавното обвинителство ги има предвид и по нив постапува и врши проверки. При поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појаснија дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи. Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение.
Дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност од чл.292 од КЗ ,не беа предмет на ова обвинение, па проверките во однос на УЈП се вршат во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци. Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што презентираната комуникација е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во Судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение. Јавното обвинителство апелира за воздржаност од изнесување непроверени информации кои можат да ја загрозат натамошната постапка, како и постапката за оцена на поднесеното обвинение.