Очекуваме конструктивни разговори со новата бугарска Влада и брзо деблокирање на процесот, порача Османи

Очекуваме конструктивни разговори со новата Влада во Република Бугарија, враќање на довербата, разговор по однос на суштинските прашања што ги имаме на маса и брзо деблокирање на процесот. И тоа е за нас најважно, е пораката што денеска ја упати министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На денешната прес-конференција Османи, во одговор на новинарско прашање дали е закажана средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков, појасни дека предвидено е интензивирање на комуникацијата уште во првите денови и недели од оваа година. Сепак, потенцира,треба да се изгласа новата влада во Собранието, за потоа да може формално да се остварат средби на идниот премиер, па и на претставниците на Владата.  Во меѓувреме, посочи шефот на дипломатијата, ќе се работи на подготвителни активности за остварување на тие активности веднаш после формирањето на новата влада.

– Целта на посетата, односно на таа средба е враќање на односите во еден нормален, европски, евроинтеграциски колосек, враќање на довербата и заеднички ангажман во надминување на овој предизвик пред кои нашите односи се соочени, рече министерот Османи на денешната прес-конференција на која говореше за нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

Прашан од новинарите дали ќе се побара бугарската декларација да претрпи некаква промена за да можат да продолжат преговорите, Османи е дециден дека  декларацијата на бугарскиот Парламент е нивно внатрешно прашање,  а нас, како што рече, ни е важен нашиот билатерален однос со Бугарија и нејзиниот став во рамки на Советот на ЕУ во однос на почетокот на преговорите.

Османи потсети дека Бугарија пред два дена одбележала 15 години на своето членство во ЕУ и во целиот овој период, нагласи, се профилираше како земја поддржувач на проширувањето.

– Тоа е поради фактот што тоа е национален интерес на Бугарија, но и стратешки и геополитички интерес на ЕУ. Проширувањето не е само интрес на нас или на земјите аспиранти и кандидати, туку е стратешко геополитичко прашање за Унијата, вклучувајќи и за земјите членки, па и за Бугарија. И оттука, очекуваме во рамки на таа визија да ги продолжиме разговорите, бидејќи и нашите односи ќе го добијат својот вистински потенцијал доколку се остваруваат во рамки на евроинтеграциските аспирации, односно амбиции на регионот, изјави на прес-конференцијата шефот на диполоматијата.

На прашањето за изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за можно одвојување на Албанија од пакетот Османи оцени дека неформалното политичко групирање на Албанија и на Северна Македонија е во интерес на двете држави.

– Овие процеси се циклични, денеска Албанија нема проблем, Северна Македонија има, меѓутоа во 2019 година беше обратна ситуацијата, ние немавме проблеми, Албанија имаше проблем. Доколку краткорочно гледаме, можеби ќе имаме одреден интерес за еден чекор во процесот, меѓутоа долгорочно сметам дека со регонална динамика двете држави ќе добијат. Затоа сметам, ако е ова аргумент плус, за убедување на албанските државјани, на албанската Влада, дека неформалниот регионален пристап е во интерес на двете држави, па и на регионот во целина. Но, Албанија има право да бара такво нешто бидјеќи процесот е индивидуален, појасни министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Back to top button
Close