Очекуваме штетата од невремето да биде неколку милиони денари – вели заменик-директорката на штипската болница
Првична процена на штетата во Клиничката болница Штип е неколку милиони денари, но чекаме извештај од осигурителната компанија – изјави денеска заменик-директорката на штипската болница Билјана Ефтимова, прашана колку се очекува да биде штетата предизвикана од невремето што на 21 јули го погоди Штип.

Освен извештајот од осигурителната компанија, додаде Ефтимова, се чека и уште една процена на штетата бидејќи по првиот нанос од невремето се појавени и други штети кои треба да се санираат.
„Тоа се однесува на кровот и на третиот кат каде што се сместени ортопедското одделение и ортопедската сала, како и единицата за интензивно лекување и кома-центарот. Тие се најоштетени бидејќи се останати без кров. Засега не знаеме колку точно е штетата, но сигурно ќе биде во милиони денари, што е секако многу“,
изјави Ефтимова.
Министерот за здравство Сашо Клековски, кој денеска беше во посета на штипската болница, рече дека ја следат состојбата и дека во буџетот на болницата биле предвидени одредени средства за реконструкција.
„Министерството ќе ја следи работата и врз основа на процената ќе ги одобри неопходните средства да се завршат работите навреме и ортопедија да биде ставена во функција час поскоро“,изјави министерот.
Разорното невреме што на 21 јули годинава ја погоди земјава не го одмина ниту Штип. Таму, според податоците на УХМР, бил регистриран ветер со јачина од 134 километри на час. Во ваквите наноси, поголема штета претрпе и штипската клиничка болница, каде што се откорна кровната конструкција.






