Очекувано слаби приходи оваа туристичка сезона во Охрид
Главната летна туристичка сезона што полека изминува потфрли по сите параметри, и од посетеноста и од остварениот промет. Причините се добро познати, епидемијата на коронавирусот доведе до тоа на Охридската ривиера речиси и да немаше странски туристи. За домашните туристи познато е дека се со поинакви навики и далеку поплиток џеб, што значајно се одрази на остварените приходи во услужниот сектор.
Туристичките работници и угостителите од Охрид единствени во оценката дека оваа летна сезона потфрли. Сложни се и во коментарите дека ситуацијата е таква каква што е, најчесто со зборовите „да се издржи до следната сезона“, со надеж дека каква и да е ќе биде подобра од оваа.
– Прометот што го реализиравме оваа сезона не е ниту половина споредбено со изминатите години. Луѓето немаат пари секојдневно да се хранат во ресторани и ако го прават тоа, бираат нешто што е поевтино на менито. За разлика од странските туристи на кои цените им се далеку пониски од земјите од каде доаѓаа, нашите гости се со броени пари што се гледа од остварените приходи, вели Аце Димовски, сопственик на пицерија во центарот на Охрид.
Димовски уште истакна дека доколку не беа картичките што државата им ги даде на граѓаните од земјата со мали приходи за одмор ситуацијата ќе беше уште полоша.
– Затворените граници ги спречија странците да дојдат во Охрид, но истовремено тоа значеше и домашните туристи да немаат избор каде да летуваат, што резултираше со нивно позначајно присуство во градот. Ние оваа сезона токму од тие причини нудевме услуги со пониски цени, се со цел да ги привлечиме токму домашните гости, рече тој.
Слично е и со сопствениците на бродови и чамци на Охридското Езеро, кои оваа година возеа патници по намалени цени и до 30 проценти.
– Оваа година за жал од добро познати причини поминавме најблаго речено катастрофално. Слободно можам да кажам дека не оствариме ниту пет проценти од ланскиот промет. Немаме странски туристи, нема организирани групи на кои агенциите им обезбедуваа еднодевни излети со брод до Свети Наум, кружни едночасовни крстарења во охридскиот залив. Работевме со домашни туристи, најчесто со редовната линија до Свети Наум. Што тоа значи, ако минатата година сме возеле со 150 патници по цена од 600 денари, сега истото тоа го правиме со до 40 патници по цена од 400 денари. Намален и број на патници, намалена цена, а трошоците се исти. Работиме на граница на рентабилност, не обезбедуваме средства ниту за плати, ниту за придонеси, одржување, гориво…Да издржиме до подобри времиња или нема иднина во оваа наша работа на овој начин, изјави Зоран Гилески, сопственик на брод на Охридското Езеро.
Од оние што поминаа можеби најлошо се сопствениците на продавници за сувенири и накит кои ги има доста низ охридската Чаршија. Според нив, домашните туристи немат ниту навики, а како што велат, „веројатно ниту пари“ да купуваат сувенири, бисер, накит…
– Не можеме да оствариме приходи дури ниту за подмирување на предвидените обврски кон вработените, ниту кон државата. Многу ни помогнаа оние средства што државата ни ги даде за плати за вработените во периодот на карантинот, но за натаму ќе мора да се снаоѓаме. Треба да се издржи, но гледајќи ја сликата веројатно голем број од дуќаните во градот ќе стават клуч по завршувањето на сезоната, изјави Ѓоко Совкоски, сопственик на продавница за накит во Охрид.
Покрај мал број угостителски објекти во градот кои и вон сезона имаат каква таква посетеност, добро поминаа само сопствениците на тезги, киосци и урбана опрема што продаваа брза храна, сендвичи, сладолед, крофни, вафли, нешто што може да се јаде „од нога“. За сите други останува да се снаоѓаат како знаат и умеат до некои подобри времиња.