Од 30 милијарди евра европски пари за Западен Балкан, Македонија ќе добива 100 милиони годишно

Во отсуство на кокретен датум, домаќинот Словенија предложи влез на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година, а ЕУ пак како утеха, на самитот во Брно претстави Економски и инвестициски план (ЕИП) со кој се предвидуваат 30 милијарди евра помош во наредните седум години. Според наведеното во декларацијата од Самитот во Словенија, 9 милијарди евра се грант, а остатокот ќе бидат инвестиции привлечени преку новиот Гарантен инструмент за Западен Балкан.

-Кога се зборува за 30 милијарди евра се зборува за средства што вкупно потенцијално можат да се мобилизираат за регионот (кредити, национални средства и др.) врз основа на грантови од ЕУ, чија пак висина за претстојниот седумгодишен период за регионот е максимум 9 милијарди евра. Оваа сума од 9 милијарди се однесува на сите средства од ЕУ за сите земји од регионот, за сите „прозорци“ или области наведени во декларацијата. Дел од овие средства се користат на регионално ниво, приоритетно за инфраструктурни проекти – во областите кои ги наведувате, преку Рамката за инвестиции на Западен Балкан, вели за „Фокус“ Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Како што се вели во декларацијата со овие пари, ЕУ сака „да ги стимулира долгорочното, зелено социоекономско закрепнување и конкурентноста на регионот, да ја поддржи неговата зелена и дигитална транзиција, да ги поттикне одржливата поврзаност, регионалната интеграција, трговијата, со што ќе ги зајакне соработката и конвергенцијата со ЕУ, вклучувајќи ги и целите во однос на климата“.

СЕКОЈА ЗЕМЈА ПАРИТЕ ГИ ДОБИВА СПОРЕД РЕЗУЛТАТИТЕ ОД РЕФОРМИТЕ

– Средствата во ИПА III за прв пат се однапред распределени само по области, не и по држави. Се работи за пет области, кои сега се нарекуваат „прозорци“: демократија и владеење на правото, добро владеење, усогласување со acquis, добрососедски односи и стратешки комуникации, Зелена агенда и меѓуповрзаност, Конкурентност и инклузивен раст и Територијална и прекугранична соработка.

Критериумите односно условите за доделување на средствата се определени во неодамна усвоената Рeгулатива за ИПА III. Во неа како основни принципи се поставени: пристапот заснован на резултати и принципот на правичен удел. Тоа би значело дека средствата ќе се доделуваат зависно од потребите, како и од капацитетот за нивно користење, но дека сепак треба да се води сметка земјите да немаат непропорционално ниска помош споредено со другите, појаснува Јорданова.

Според неа висината на средствата се врзува и со резултатите на државата во реформите, особено демократијата, владеење на правото и економските реформи. Доколку нема напредок во реформите или има назадување помошта може и да се суспендира.

-Во секој случај, фактот што нема однапред определени суми за државите и’ дава на ЕУ многу поголема флексибилност во доделувањето на средствата. Според досега објавените програмски документи кои се уште не се конечни, за 2021 и за 2022 година за националните програми на ИПА за Македонија се предвидуваат по околу 100 милиони евра годишно средства од ИПА, на кои треба да се додадат уште околу 20-50 милиони национални средства за кофинансирање. Тоа е отприлика нивото и на претходните генерации на ИПА од 2007 наваму, вели таа.

ЕУ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА 12 ГОДИНИ И ДОДЕЛИЛА 1,2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Со инструментот за пристапна помош (ИПА) на Македонија досега и беа дадени на располагање милијарда и двесте милиони евра во временска рамка од 12 години, односно во ИПА 1 која се спроведе од 2007 до 2013 и во ИПА 2 чија временска рамка беше од 2014 до 2020 година.

повеќе

Back to top button
Close