Од авион до сирово месо: Што добиваат американските претседатели како подароци
Доналд Трамп изјави дека е подготвен да прифати луксузен авион што му го понудило катарското кралско семејство како подарок, и тие најави веднаш предизвикаа обвинувања за мито и корупција на негова сметка.
Во соопштението од кралското семејство, се потврдува дека се воделе разговори со САД во врска со „можен трансфер“ на авионот што Трамп привремено ќе го користи како претседателски авион. Сепак, во соопштението се негира дека веќе е донесена конечна одлука за трансферот на авионот или дека станува збор за подарок.
Доналд Трамп, преку својата платформа True Social, делумно го потврди планот.
„Значи, фактот дека Министерството за одбрана добива бесплатен подарок (во многу јавна и транспарентна трансакција) авион 747 за привремена замена на 40-годишен Air Force One толку многу ги вознемирува корумпираните демократи што инсистираат ние да платиме за тоа“, напиша Трамп.
Претходно истиот ден, повикувајќи се на повеќе извори запознаени со ситуацијата, ABC објави дека администрацијата на Трамп планира да прифати луксузен Боинг 747-8, авион од Катар, вреден околу 400 милиони долари и опишан како „летечки дворец“.
Трамп ќе го користи овој авион како нов претседателски авион речиси до крајот на неговиот втор мандат. После тоа, авионот ќе биде префрлен во неговата претседателска фондација – најдоцна до 1 јануари 2029 година.Во февруари, Трамп го разгледа авионот додека беше паркиран на меѓународниот аеродром Палм Бич, пишува ABC.
Сепак, доколку Трамп го прифати авионот, како што е планирано, тој прво ќе биде префрлен на американската војска, која ќе го прилагоди на специфичните барања што мора да бидат исполнети пред претседателското патување.
Gлавниот обвинител на Трамп, Пам Бонди, и неговиот главен адвокат во Белата куќа, Дејвид Ворингтон, веќе заклучиле дека е „законски дозволено“ Трамп да го прифати луксузниот подарок, а потоа да го префрли на својата претседателска фондација.
И двајцата дојдоа до тој заклучок откако адвокатите од канцеларијата на советникот на Белата куќа и Министерството за правда заклучија дека подарениот авион не бил условен од никаква официјална акција и затоа не претставува поткуп.
Сепак, извештаите за овој многу необичен подарок предизвикаа бран критики кон претседателот.
Демократскиот сенатор Чак Шумер веднаш го исмеа политичкиот слоган на Трамп „Америка на прво место“.
„Ништо не ja отсликува „Амрика на прво место“ како пристигнување на Ер-Форс како подарок од Катар“, рече Шумер, додавајќи дека подарокот не е само поткуп, туку доказ за странско влијание.
Покрај Шумер, демократскиот конгресмен од Мериленд, Џејми Раскин, на социјалната мрежа X изјави дека „Трамп мора да побара одобрение од Конгресот за да ги прифати овие 300 милиони долари од Катар“.
„Уставот е сосема јасен: никаков подарок од каков било вид од странска земја не може да се прифати без одобрение од Конгресот“, рече тој во своето соопштение.
Демократскиот аналитичар Мет Мекдермот, исто така, изрази загриженост и потсети дека Организацијата Трамп, управувана од неговите синови, само неколку дена претходно ја објави изградбата на нов голф комплекс во Катар, вреден 5,5 милијарди долари.
„Денес, Катар му „подарува“ на Трамп луксузен авион. Тоа е апсолутно случајност“, рече Мекдермот саркастично.
Низ историјата, американските претседатели добивале широк спектар на подароци – од антиквитети и оружје, преку бизарни украси и мебел, до живи животни и огромни количини месо. Сепак, таквите подароци не завршуваат толку лесно во личен имот. Зад секој официјален подарок стои правно-бирократски апарат кој не дозволува кученце, острилка за моливи или тепих со ликот на претседателот да поминат во приватни раце.
Откако кралицата Викторија му подари на претседателот Радерфорд Хејс маса направена од дабот на бродот „ХМС Резолут“ во 1880 година – парче мебел што сè уште се користи во Овалната соба – подароците од странство претставуваат симболика на дипломатските односи, но и потенцијална етичка стапица.
Имено, според таканаречената клаузула за плати од Уставот на САД, претседателите и сите владини претставници не смеат да прифаќаат подароци од странски влади без согласност на Конгресот. Ограничувањето е јасно: подароците до 480 долари можат да се задржат. Сè што е над тоа се смета за сопственост на американскиот народ и мора да се пријави, документира и најчесто – да се проследи до Националниот архив или Претседателската библиотека.
Некои решенија се малку апсурдни.
За време на мандатот на Џорџ В. Буш, претседателот на Бугарија му подари кученце. Законот беше неумолив – кучето не можеше да остане во претседателското семејство, па затоа му беше доверено на друго семејство преку Националниот архив.
Барак Обама остави зад себе и завидна колекција – меѓу илјадниците подароци што сега се наоѓаат во неговата претседателска библиотека се сребрени манжетни, новогодишни украси, па дури и острилка за моливи во форма на лондонски автобус.