Од базен направиле магацин, од игралиште ноќен клуб – ДЗР за управувањето со државните спортски објекти
Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во државна сопственост, кое на хартија се уште постои, располага со земјиште, градежни објекти, опрема и возила во вредност од близу 32 милиони евра. Но, за имотот нема евиденција, ниту имотни листови. Голем дел од документацијата е изгубена поради поплава во деловните простории или одземена во истражни постапки, а и покрај раскинатите договори, закупците не ги напуштаат деловните простории, утврди Државниот завод за ревизија
Ревизијата покажала и дека независно од одлуката да се укине Јавното претпријатие, тоа и натаму има активен статус во Централниот регистар. Статусот на вработените не е решен, а се генерираат нови обврски и загуби од работењето
Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во државна сопственост е со нерешен правен статус, нема точни податоци за објектите со кои управува, оттаму не знаат што точно издале под закуп, а нема процена на вредноста и за амортизираноста на имотот кој го поседува.
Ова се наоди од Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), по извршената ревизија на финансиските извештаи на претпријатието за 2023 година.
Ревизорите утврдиле дека повеќе години наназад не е извршен попис на средствата, побарувањата и обврските и не е вршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката. Голем дел од документацијата е изгубена поради поплава во деловните простории или е одземена како доказен материјал во истражни постапки.
„Се воздржуваме од изразување на мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики“велат од ДЗР.
Ем не плаќаат кирија, ем не се отселуваат
Ревизорите нотирале дека претпријатието располага со земјиште, градежни објекти, опрема и возила во вредност од близу 32 милиони евра, но за имотот нема евиденција, ниту имотни листови.
„Јавното претпријатие не располага со точни податоци и информации за спортските објекти во сопственост на државата со кои управува, не е извршено запишување во јавните книги, што создава ризик за незаконско постапување со државниот имот“стои во Извештајот на ДЗР.
Дел од објектите се дадени под закуп на период од 20 до 30 години, и тоа по ниска цена, а закупците можат да ги даваат во подзакуп. Ревизорите не нашле ниту документација со која би се потврдиле инвестициски вложувања од страна на закупците.
ДЗР алармира и дека имот од јавен интерес се отуѓува преку извршни постапки, а закупците и покрај раскинати договори не ги напуштаат објектите.
„Непреземањето на објектите од страна на единиците на локална самоуправа придонело за поголемо запуштање, руинирање на објектите, нивно користење за намени кои не се во насока на спортот, како и бесправно владеење“ покажала ревизијата.
Укинато, ама постои
Ревизијата покажала дека и покрај укинувањето на Јавното претпријатие уште во 2017 година, тоа има активен статус во Централниот регистар, статусот на вработените не е решен, а се генерираат нови обврски и загуби од работењето, како и загуби на имотот на државата.
„Го нагласуваме прашањето за исплата на 78 363 000 денари по судски спор што ЈП треба да ја исплати на закупецот на објектот ‘Олимписки базен’ во Скопје. Обврската произлегува од договор од 2004 година и анекс од 2006 година со кој е продолжен периодот на закуп на објектот до 2035 година и со компензација однапред е признаена и наплатена закупнина за 373 месеци (31 година) во износ од 20 682 000 денари (336 288 евра) по основ на фактури за вложувања во објектот, кои не ѝ беа приложени на ревизијата, а неизвесно е дали ЈП располага со истите“велат од ДЗР.
Ревизорите им укажале на Министерството за спорт и на Владата за потребата од утврдување на сите објекти кои биле во надлежност на Јавното претпријатие и на нивниот статус, како и за потребата од преиспитување на законитоста на сите договори за закуп склучени со трети лица, со цел да бидат преземени мерки за минимизирање на правните и финансиските ризици и заштита на државниот имот.