Од Брисел нема конкретен рок за пристигање на вакцините, бројот на оздравени поголем од новодијагностицираните

– Кога ќе пристигнат вакцините во земјава, вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во Брисел не добија конкретен рок, но на средба со еврокомесарот за управување со кризи побараа ЕУ што е можно поскоро да обезбеди вакцини за регионот за кои веќе се издвоени 70 милиони евра.

Изворите во Европската Комисија (ЕК), како што јави дописничката на МИА порачуваат дека институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток на дози за своето население.

-Очигледно е дека главниот проблем се наоѓа кај фармацевтските компании, или премногу ветија, или има некаков друг проблем, но работиме на тоа да откриеме што се случува, велат од Европската Комисија за МИА.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, соопшти дека испратила писмо до фармацевтската компанија АстраЗенека која најави дека ветените дози ќе доцнат и побарала конкретни одговори за тоа зошто се одлагаат ветените вакцини, ко-финансирани од ЕУ.

За Северна Македонија и за регионот ова значи дека „во наредните недели“ нема да добие вакцини ниту од Ковакс, ниту од новиот “Механизам за споделување“ на ЕУ, најавен минатата недела.

Доколку Скопје сака да добие вакцини пред тие да бидат достапни преку хуманитарни механизми, има неколку опции: едната е директно да ги нарача од производителите, да ги откупи од други земји кои имаат вакцини, да чека донации, или да ги набави вакцините од Русија или Кина.

-Одлуката останува на владата во Северна Македонија, но треба да се има на ум дека ниедна од овие две вакцини не се одобрени во ЕУ, тоа е одговорност на властите кон сопствените граѓани, Европската Унија не се меша во оваа одлука, велат од Европската комисија за МИА.

Сепак во ЕК се оптимисти затоа што повеќето земји членки на ЕУ наскоро ќе почнат со втората доза вакцинација на нивното население, што би можело наскоро да значи и деблокирање на ситуацијата за Западен Балкан и останатите земји членки.

Back to top button
Close