Од денес ЕВН не смее да издава паушални фактури за потрошена струја
Инжинери на Македонија соопштија дека со влегувањето во сила на новиот Закон за енергетика на 29 мај 2025 година, снабдувачот со електрична енергија (ЕВН) е должен фактурите да ги издава исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка.
-Секое паушално фактурирање е дозволено само ако мерењето не е можно поради техничка неисправност на мерниот уред. Во сите останати случаи, особено кога струјомерот е исправен, ваквата практика е незаконска и спротивна на член 185 од новиот закон.
ИНРМ до Регулаторната комисија за енергетика поднесе претставка со барање веднаш да се укине членот 31 од Правилата за снабдување и да се спроведе вонреден надзор над ЕВН, стои во нивното соопштение.
Во продолжение е интегралното барање на Инжинери на Македонија:
Од Регулаторната комисија за енергетика бараме:
1) Веднаш да го укине членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, поради негова директна спротивност со член 185 од новиот Закон за енергетика кој влегува во сила денес на 29 мај 2025 година. Од денес неговата примена е правно недозволива. Истовремено, бараме постапката за измена на Правилата за снабдување со електрична енергија, започната на 20 март 2025 година веднаш да заврши со формална одлука за укинување на овој член;
2) Да спроведе вонреден надзор над работењето на ЕВН, како оператор на електродистрибутивниот систем и снабдувач со електрична енергија, со цел утврдување дали и по стапувањето во сила на новиот закон се применува незаконската пракса на фактурирање врз основа на проценета потрошувачка.
3) Да објави јавен повик до потрошувачите со кој ќе ги повика да пријавуваат фактури што не се засноваат на реално измерена потрошувачка, во согласност со член 32 од Законот за заштита на потрошувачите.
Согласно новиот Закон за енергетика, од денес сите сметки за електрична енергија мора да се базираат исклучиво на реални податоци од мерниот уред. Секое паушално фактурирање без технички утврдена причина за неисправност на мерниот уред ќе се смета за незаконско.
4) Да го повика ЕВН на јавна одговорност, поради систематско непочитување на законските и договорните обврски за квалитет на услугите, особено во однос на мерењето, редовното отчитување, точното фактурирање и транспарентноста при утврдување на цените за снабдување со електрична енергија.
Доколку се утврди дека се работи за суштинска и континуирана повреда на овие обврски, бараме Регулаторната комисија да покрене иницијатива за раскинување на договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ, склучен со ЕВН Австрија во 2006 година.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Со влегувањето во сила на новиот Закон за енергетика на 29 мај 2025 година, снабдувачот со електрична енергија е обврзан фактурите до потрошувачите да ги издава исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. Ова значи дека фактурирањето мора да се заснова на реално извршено мерење, односно на податоци прибрани од мерниот уред преку отчитување од страна на операторот. Ова е експлицитно утврдено во член 185 став 1, според кој мерењето се врши преку мерен уред, а отчитувањето го врши операторот на системот. Според ставот 2 од истиот член, доколку мерењето не е можно, фактурата може да се издаде врз основа на претпоставена вредност, но само ако не е можно мерењето.
Членовите 167, 185 и 189 од Законот за енергетика го дефинираат мерењето како активност што мора да резултира со реален и точен податок добиен преку мерен уред. При тоа мора да се има предвид дека „мерење“ значи технички процес на регистрирање на потрошената електрична енергија преку мерен уред кој е стандардизиран и проверен, а „отчитување на мерен уред“ е акцијата на прибирање на измерените податоци од мерниот уред од страна на операторот (рачно или автоматски), која потоа служи како основа за фактурирање. Исклучоци кои го оправдуваат издавањето на фактури врз основа на претпоставена вредност се дозволени само кога мерењето не може да се изврши поради техничка неисправност или оштетување на мерниот уред. Секое друго отстапување, особено она кое произлегува од субјективни причини како неотчитување, организациски пропусти, непојавување на службено лице или административен пропуст, веќе не претставуваат дозволен основ за паушално фактурирање.
Продолжувањето на примената на членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија во момент кога стапува во сила новиот Закон за енергетика, е во директна спротивност со членот 185. Евентуалната неговата понатамошна примена нема да претставува само технички пропуст, туку ќе е сериозна повреда на уставните и законски заштитени права на потрошувачите. Регулаторната комисија, како надлежен орган е должна да обезбеди примена на новиот закон и да го спречи понатамошното оштетување на граѓаните. Примената на член 31 од подзаконскиот акт и дозволувањето на фактурирање врз основ на проценета потрошувачка кога не е извршено отчитување, а без притоа да се бара техничка причина за неисправноста на мерниот уред е правно неодржливо, бидејќи согласно член 51 од Уставот сите прописи мора да бидат во согласност со законите, а подзаконските акти губат правна сила кога им се спротивставуваат.
Иако според член 46 од Законот за енергетика Регулаторната комисија за енергетика е независно тело, таа е должна да обезбеди доследна примена на законите и е обврзана да не применува или толерира подзаконски одредби што се во спротивност со Законот. Постапката за измена на Правилата за снабдување со електрична енергија, започната на 20 март 2025 година, мора итно да заврши со укинување на членот 31 бидејќи уставното начело на владеење на правото и правната сигурност го наложуваат тоа (член 8 од Уставот).
Праксата на паушално фактурирање, е во спротивност и со член 32 од Законот за заштита на потрошувачите, кој предвидува издавање на точна, проверлива и реална сметка, но и со член 59 кој пропишува дека сметките за јавни услуги мора да се засноваат на објективни, мерливи податоци. Паушално фактурирање без реално мерење ги нарушува овие основни принципи и ја попречува можноста на потрошувачот да ја следи и оспори фактурираната потрошувачка.
Во овој контекст, продолжената пракса на ЕВН за издавање фактури врз основа на проценета потрошувачка, без реално мерење и без оправдана техничка причина за неисправност на мерните уреди, преставува повреда не само на законите, туку и на суштинските обврски кои ЕВН Австрија ги има преземено во 2006 година, со договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ. Во договорот се предвидува обезбедување на квалитетна, точна, модернизирана и транспарентна услуга, во согласност со македонското законодавство. Од потпишувањето на тој договор до денес поминати се речиси 20 години, што претставува исклучително долг временски период во кој ЕВН, како инвеститор, имал доволно време да ги испорача највисоките стандарди на квалитет, модернизација на системите, обезбедување на точно мерење, редовно отчитување и правична наплата.
Пренесувањето на трошоците за исполнување на овие законски обврски врз потрошувачите преку тарифи или дополнителни наплати е правно и етички неприфатливо. Таквото префрлување на трошоците претставува прикриен обид за легитимирање на обврски што операторот веќе ги има преземено по сила на лиценца и закон. Според член 59 од Законот за заштита на потрошувачите, тие мора да можат да го следат и проверат фактурираниот износ врз основа на објективни податоци.
Понатаму, според членовите 5, 9 и 12 од Законот за облигациони односи, трговецот (ЕВН) е должен да постапува совесно и чесно и не смее да ги префрлува последиците на своето дејствување на штета на другата договорна страна. Во конкретниот случај, системски наметнатата пракса на паушално фактурирање без контрола и можност за проверка може да се третира и како злоупотреба на доминантна позиција, што е забрането со член 55 од Уставот. Истовремено таа претставува и суштинска повреда и неисполнување на обврските од договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ, па Регулаторната комисија за енергетика има должност да иницира преиспитување или раскинување на договорот согласно членовите 124 и 133 од Законот за облигациони односи. Овие позиции на Регулаторната комисија за енергетика се засилени и со уставните одредби: член 8 од Уставот го истакнува владеењето на правото, социјалната правда и заштитата на човековото достоинство како темелни вредности; член 51 го наложува почитувањето на Уставот и законите и член 55 ја гарантира заштитата на потрошувачите и забраната на монополско однесување
Поради сето наведено, бараме Регулаторната комисија, како чувар на јавниот интерес и уставно-законскиот поредок во енергетиката, да го спречи понатамошното оштетување на граѓаните преку толеранцијата на практики што се спротивни на законот, Уставот и обврските од приватизацискиот договор и веднаш да преземе конкретни регулаторни и надзорни мерки во согласност со начелата на правната сигурност, владеењето на правото и еднаквоста на сите пред законот.