Од денеска директни летови меѓу Охрид и Виена

Од денеска патниците од Охрид и регионот ќе можат директно да патуваат до австриската престолнина, откако официјално започнува со работа новата авиолинија меѓу Охрид и Виена, која ќе ја опслужува авиокомпанијата „Остријан ерлајнс“.
По повод пристигнувањето на првиот лет од Виена, на охридскиот аеродром ќе се одржи прес-конференција, на која ќе се обратат генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на Австрија во Скопје, Матијас Хуменбергер, како и Штефан Линхарт, виш директор за продажба за Централна и Источна Европа, Израел и Турција во групацијата „Луфтханза“.
Воспоставувањето на новата авиолинија се очекува дополнително да придонесе за развојот на туризмот и за подобро поврзување на Охрид и регионот со европските дестинации.
Со новата линија, патниците ќе имаат можност за директна авионска врска меѓу Охрид и Виена, а преку мрежата на „Луфтханза“ и пристап до голем број светски дестинации, објави Скопје1.мк.






