Од ДУИ објаснуваат: Ахмети не спомна непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од граѓаните во контактните емисии на Алфа и Телма

Откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од трибина во Гостивар ги етикетира телевизиите Телма и Алфа како непријатели на Албанците, од Демократската унија за интеграција денеска испратија соопштение, односно објаснување, како што наведуваат, дека Ахмети не спомнал непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните.

„На синоќешниот собир со граѓаните во Гостивар, претседателот на Демократската унија за интеграција, г. Али Ахмети зборуваше за недостигот на ангажман од страна на македонските политички партии со граѓаните во контекст на односите со Албанците, затоа што е вознемирувачка омразата кон албанските лидери на државните институции, која се прикажува од македонските граѓани во контактните емисии на македонските телевизии со етикети како Бугар Османи, Артан Груби терористот, навреди кон самиот Али Ахмети и другите. Тоа е последица на неработењето на македонските политички партии со граѓаните и намерното продлабочување на поделбите помеѓу народот. Г. Ахмети не спомна непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните, поттикнати од политичките партии во контактните емисии на овие телевизии“,се наведува во соопштението на ДУИ.

Господинот Ахмети и ДУИ се сојузници на медиумите, граѓанското општество и слободата на говорот, а тоа го имаме докажано во изминатите 22 години во нашето секојдневно дејствување, додаваат од партијата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на синоќешната трибина во Гостивар, порача дека телевизиите Телма и Алфа биле „непријатели на Албанците“.

Говорејќи за судирот во редовите на партијата, каде што група партиски функционери предводени од поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, остро се спротиставува на неговите најблиски соработници, пред сè на вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Ахмети повика на единство и смирување на страстите.

„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма, мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“ рече Ахмети.

Back to top button
Close