Од „Еурокомпозит“ бараат одговор зошто ги нема во третиот сет мерки

Околу 60 вработени во прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ кои со месеци ниту имаат работа, ниту пари, бараат одговор од Владата зошто не се опфатени со ниту еден сет мерки, особено ги нема ниту со третиот и платежните картички.

Роберт Богданоски, претседател на синдикатот при „Еурокомпозит“ вели дека поднеле приговори, но немаат никаков одговор. Бараат итно да им се објасни.

-До УЈП имаме поднесено приговори, зашто ние не сме во овој трет сет мерки. Досега немаме никаков одговор. Бараме одговор зошто ние немаме добиено никаква картичка: ниту од 3.000, ниту од 9.000, ниту за летување. Упатувме уште еден апел до Владата јавно да ни каже што е проблемот со овие вработени. Нека кажат ако не може да се справуваат со нашата ситуација, да си ги земеме документите и да си одиме. Поради вонредната ситуација не може ниту да протестираме. Иако сакавме некои од наши работи во Фабриката да продаваме, бевме спречени од полицијата, вели Богданоски.

Вработените последно зеле линеарно по 10.000 денари во декември минатата година, а вкупно не им се исплатени 25 плати. Од оваа државна компанија како технолошки вишок заминаа 154 работници, а нивната „голгота“ трае со години.

Back to top button
Close