Од Израел полета првиот директен комерцијален лет за Мароко

Израелската авиокомпанија „Израер Ерлајнс“ денеска за првпат ги поврза Израел и Мароко со директен комерцијален, седум месеци откако двете земји ги нормализираа односите.

-Авион со 100 патници утринава полета од Тел Авив за Маракеш, туристичката престолнина на Мароко, изјави портпаролот на компанијата Тали Лејбовиц.

Меѓу двата града во иднина се планирани два до три лета неделно, додаде Лејбовиц.

Мароко е четвртата арапска земја што ги нормализира односите со Израел, во декември 2020 година, откако Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Судан го сторија тоа по налог на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

Првиот директен лет со кој се превезаа израелски официјални лица од Тел Авив до Рабат се случи во декември 2020 година, по потпишувањето на билатералните договори меѓу Мароко и Израел.

Минатата недела шефот на израелската дипломатија, Јар Лапид, најави патување во Мароко по отворањето на директниот лет, но не го прецизираше датумот на реализација на посетата.

Лапид ја најави посетата неколку дена откако конзорциумот меѓународни медиуми откри дека израелскиот софтвер за прислушување новинари, активисти и опозицијата „Пегаз“ го користеле странски земји, вклучително и Мароко.

Мароканската влада ги негираше обвинувањата дека ја користела израелската програма за шпионирање новинари и други лица, Мароканци и странци.

Back to top button
Close