Од каде му се парите на судијата Ристов?

Не знам дали постои кривично дело „предавство на професијата“ но сосем сигурно треба да се внесе во кривичниот закон затоа што делото за кое го товарат судијата Ристов покажа и дека овој делител на правда извршил флагрантно предавство на професијата која обезбедува кислород на правната држава. Знам, таквиот поглед на работите звучи наивно затоа што ниската доверба во судството е општа состојба, но додека не почне општеството така да ги расудува работите, нема ни да се случи напредок во неговата функционалност. Затоа овој случај заслужува посебен третман од страна на државата.

Што е тоа што го разликува од други случаи на судии фатени со „рачињата во медот“?

Прво, тоа е начинот на кој се криени парите. Како да е препишан од сицилијанската мафија. На првиот кат во кујната полицијата наводно забележала траги од скорешно вадење и замена на плочки и сфатила дека таму има нешто поголемо од домаќинска интервенција. Го срушиле ѕидот и откриле гнездо со евра наместо јајца. Биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра, вкупно 350.000 евра. Зборот „наводно“ е затоа што полициската верзија дека им текнало да одат токму во куќата во Неготино каде што судијата, патем не ни живее, не е убедлива туку раскажува друга приказна дека некој од друштвото на судијата што се вели со народен жаргон пропеал. Некој што видел или знаел каде се парите, некој што бил од највисока доверба на судијата кој ги диплел таму еврата.

За досегашниот тек на настаните изворот на дојавата не е важен, но за натамошните настани е исклучително важен и не треба да се дозволи да биде предмет на шпекулации затоа што укажува на злосторничка група во која најмалку уште еден човек знаел каде судијата ги крие парите.

 

Повеќе прашања отколку одговори

Понатаму, иако самата акција изгледа совршена, видливи се и индиции кои покренуваат други прашања. На пример фактот дека судијата исчезнал и бил на боледување последната седмица пред да бидат пронајдени парите. Сите знаеме дека во системот кој моментно владее во државата, прилично често боледувањата се симптом не на болест туку на стратегија да се прикријат отсуства од друга природа. На пример дека судијата дознал дека е предмет на обработка и се повлекол да смисли што да прави. Тоа повторно ја вади на виделина болката на ова општество а тоа е дека институциите се толку порозни што низ нив без проблем протекуваат информации кои треба да се држат во тајност.

Главната недоумица, пак, е зошто од откривањето на парите до изведувањето на судијата пред обвинител поминаа два дена. И каде бил судијата во тие два дена. Дали преговарал со правосудните органи, за што преговарал и дали меката притворска мерка е резултат на тие преговори. Ако кај судијата претходно бил вршен претрес и во станот во Скопје како што јавија некои медиуми, дали тој останал под ПИМ мерки и потоа, и зошто ако го следеле органите на прогонот не знаеја потоа каде е тој. И најважното дали судијата поседува информации со кои може да повлече и други крупни риби, та сега е одлучено по два дена ширење на висок напон во јавноста околу случајот, тој да издиши и судијата да заврши во куќен притвор наместо во класичен.

Останува нејасно и соучесништвото во криењето на парите, особено ако куќата која била користена како засолниште на парите е на име на друг сопственик а не на судијата, без разлика што им припаѓа на неговите родители. На официјалниот имотен лист што го доставил судијата Ристов стои дека тој и сопругата се сопственици на стан во Скопје, два автомобила, два кредита и една денарска штедна книшка. Значи куќата во Неготино не е негов имот.

 

Крупните ѕверки ретко зад решетки

За другите соучесници, пак, допрва ќе се размотува клопчето. Ако воопшто се размота. Затоа што покрај примател на митото има и даватели на митото. Тие 350 илјади евра на дошле сами туку некој или некои му ги давале на судијата во замена на услуги кои може да ги направи низ неговата судиска работа. А нивните имиња не ги знаеме. Ги знае само судијата и од него зависи дали ќе ги каже или сам ќе го понесе товарот на казната.

Се разбира има и друга варијанта а таа е дека судијата ги заработил тие пари од плата и дополнителна работа. Можеби ја искористил плодноста на земјиштето во Неготино и се бавел странично со земјоделие. Или можеби вршел некој други бизнис во слободно време. Но да бидеме сериозни, легално заработени пари не се кријат во ѕид како да се пари стекнати со грабеж на банка.

Јавноста и во следните денови ќе го следи будно овој уникатен случај. Особено затоа што искуството покажа дека некои крупни ѕверки кои се најдоа зад решетки поради корупција, потоа на волшебен начин станаа чесни граѓани. За некои пак се тресеше гората но се роди лист затоа што и покрај уредни судски пресуди за затвор успеаја да го избегнат

(dw)

Back to top button
Close