Од кого е набавен софтверот и инфраструктурата за Safe City

Билјана Ванковска

Сите зборуваме за ефектите од пробниот и од јануари ефективниот проект Safe City. Но, не чув некој да го постави ова МНОГУ важно прашање: од кого е набавен софтверот и инфраструктурата на овој масовен проект?

Ова е значајно од повеќе аспекти, меѓу кои и финансиските аспекти, трошоци и добивки, но и упадот во приватноста и личните податоци. Во многу држави постојат основани сомнежи за јавни-приватни партнерства, бизниси, кршење на човековите права под претекст безбедност во сообраќајот.

Ние ја имавме аферата со Драги Рашковски наречена Софтвери, но ја заборавивме. Ќе ценам ако некој ме потсети или информира кога МВР на Тошковски распишало тендер, кој го добил, кој соработува со МВР во однос на софтверот, неговото одржување и сл.? Дали станува збор за странски компании или домашни? Кој гарантира тајност на личните податоци?

Друга работа е што со ова се создава “каучук норма” од страна на министерство, па со закон утврдени брзини сега ќе се релативизираат со +/- 10%.

Се разбира, ако со вакво темпо секое седнување на волан нѐ чини 10, 20 или повеќе евра, сакам да знам на што ќе се трошат тие буџетски средства. Во Германија добивате писмена информација колку проценти од казната отишле на изградба на патна инфраструктура, на социјални цели, детски градинки, локална самоуправа или централна власт, итн.

Само гласно размислувам и барам одговори за важни прашања. Несомнено дека сакаме ред и поредок, казнивост за сите прекршоци и потешки дела – но со почитување на транспарентноста кон граѓаните и владеење на правото. И конечно, ако влегуваме во овој проект ефективно тогаш треба сите граѓани да се еднакви пред Законот : и тие од Охрид и тие од Гевгелија, Паланка, Кичево, итн. За сите да почне да важи од ист момент, на цела територија на државата, наместо тренирање строгоќа само врз скопјани или кумановчани и во рати на другите.

 

Back to top button
Close