Од Ковид-19 почина докторот со уметничка душа Драган Спасески Охридски

Во шеесеттата година од животот, по кратко боледување како последица на Ковид 19, вчера во Скопје, почина познатиот доктор-специјалист, ортопедски хирург и сестран уметник, Драган Спасески Охридски.

 

Драган Охридски беше исклучителен професионалец и почитуван во професијата, врвен интелектуалец. Автор е на бројни уметнички дела, кои биле излагани во земјата и странство, како и проза и поезија. Беше голем поддржувач на уметноста и уметниците, широко отворајќи ги вратите за уметничките души на неговата галерија „Резонанца“ каде се реализираа бројни изложби. Автор е и на повеќе уникатни ентериери на хотели и угостителски објекти, кои ги красат негови дела.

Минатата година со голем мултимедијален проект во црквата Св. Софија,  тој одбележа 30 години од неговата прва изложба во 1989 година. Замина прерано, а имаше уште многу да му даде на Охрид и на светот.

Мојата желба беше да го продолжам патот на Михаил и Евтихиј. Како пчела одам од цвет на цвет, собирам се што е најзначајно во цивилизациска смисла и ставам авторски печат на она што го создавам, без да ми биде важно дали тоа е трендовски или не е, дали се исплатува или не.

Едноставно,  го следам  својот пат на духовното, на фантастичното во сликарството. – ќе рече во една прилика уметникот Драган Спасески Охридски.

Драган Спасески Охридски беше семеен човек. Зад себе остави сопруга и син.

Д-р Драган Спасески Охридски, ќе биде погребан денеска во 13.30 часот на градските гробишта во Охрид, во согласност со ковид протоколите

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close