Од максимум бодови за ДКСК, до осомничена за „Адитив“
„Се гради нешто напорно, тула по тула – и одеднаш доаѓа вакво нешто. Многу непријатна и тешка ситуација за ДКСК”, вели еден од нив.
Во време на висока недоверба во судството, ДКСК важеше за своевидна светла точка во борбата против корупцијата. Новиот состав на оваа Комисија наследи такво реноме изградено од нејзиниот претходен состав. Сега состојбите како да се пред нов почеток, откако вчера Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во рамките на постапката што се води за предметот „Адитив“ донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, од кои едно е претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, како третоосомничена. Трагите до неа стигнале како резултат на екстрахирани електронски докази обезбедени во досегашната постапка.
Обврзани да ги чуваат информациите
„Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности“, соопшти ОЈО ГОКК.
„Како службено лице, претседател на ДКСК, од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК“, наведе Обвинителството.
Споменатиот член 25 став 5 од законот предвидува дека „претседателот, членовите и вработените во Државната комисија коишто ќе имаат пристап до базите на податоци од ставот (4) на овој член, се обврзани да ги чуваат, можат да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и не смеат да ги откријат на трети лица, спротивно на закон”.
Според членот 50 „службено лице не смее да ги користи информациите со кои располага во вршењето на функциите, јавните овластувања и службените должности за остварување корист или предност за себе или за друг”.
Таквата обврската останува и во рок од три години од денот на престанокот на функцијата.
Знаела што е Политика на интегритет
Актуелниот состав на ДКСК со претседателката Димитровска, мандатот го почна на 8-ми февруари 2024 година. Според наводите на ОЈО ГОКК, делото за кое се сомничи го вршела од мај до декември 2024 година, односно го почнала само три месеци по нејзиниот избор на таа позиција.
Актуелни и поранешни колеги на Димитровска немаат дилема дека таа многу добро ги знае споменатите одредби од законот. Но, и пред да стане претседателка на ДКСК, таа 19 години работела во Државниот завод за ревизија (ДЗР), од кои во последните две години и како помошник на главниот ревизор.
Димитровска веќе работела во институција која има усвоена јасна Политика на интегритет. Тоа подразбира законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно врешење на работи со кои службените лица го чуваат својот и угледот на институцијата, односно ги елиминираат ризиците за можноста од настанување и равој на кориупција, со што обезбедуваат доверба на граѓаните во вршењето на јавните функции.

Во тој документ е наведено дека „службените лица не смеат да ги користат информациите со кои располагаат во вршењето на функциите, јасните овласувања и службените должности за остварување корист или предност за себе и за друг“.
Во ДКСК Димитровска со закон била обврзана да го почитува истото.
Погрешна проценка
Кога собраниската Комисија за селекција на крајот од 2023 година ги утврди кандидатите како предлог за нов состав на ДКСК, Димитровска доби 532 бода, односно највисок просек (76 од максимални 100). Таа доби по 100 поени од сите пратеници, но само по 20 поени од двајцата членови од граѓанскиот сектор – Снежана Камиловска Трповска и Никола Додов.
„Врз основа на дадените одговори, Комисијата за селекција оцени дека кандидатот има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интерси, и има јасна визија за работата на ДКСК и план за нејзината работа. Даде одлични одгвори за поставените општи и посебни прашања“, напиша Комисијата за селекција во оценката за Димитровска.
Но, Снежана Камиловска Трповска тогаш објави издвоено мислење, во кое рече дека изненадува како другите претставници на Комисијата „изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл“.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција тогаш целосно го поддржа издвоеното мислење на Снежана Камиловска Трповска, за необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови на Комисијата.
Мрежата на „Адитив”
За мрежата во која сега се сомничи и претседателката на ДКСК, Обвинителството поднесе обвинение на крајот на февруари против 31 физичко и пет правни лица во предметот „Адитив“. Првообвинет за несовесно работење е поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство. Обвинети за неколку кривични дела се и неговиот наследник Васко Стефанов и поранешните директори на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
Според обвинението, во периодот од април 2023 година до август во 2024 година, дел од обвинетите во својство на службени лица создале група чија цел била вршење кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело. Во меѓувреме, со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, дел од останатите обвинети станале припадници на таа група. Тие, договарајќи се со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка, свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На фирмата која го добила тендерот ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,5 милиони евра (dw)