Од овој момент прекинува опаѓањето на Америка
Докторатот кој во таа 1981 година го бранев на универзитетот во Љубљана беше насловен „Корените на американскиот империјализам“, со поднаслов -„Марксистичка интерпретација на американската надворешна политика“.
Накусо, потпирајќи се на истражувањата на американските „радикали“, ја раскажaв приказната за подемот на новата светска сила кој почнува во 1898, година кога Америка ја победува Шпанија во поморска битка, со само една жртва – морнар кој починал од сончаница. Рушејќи ги колонијалните бариери за својата трговија, Америка ја освојува Куба а потоа и Филипините. Тогаш запира за да ја редефинира својата политика на „manifest destiny“, „очигледната судбина“ да се шири од Атлантикот до Пацификот и потака.
Имено, по освојувањето на Филипините , американските власти заклучуваат дека да се инкорпорира и оваа територија и народ во САД, би значело слабеење на нивниот политички систем, па Филипините ги оставаат вон федерацијата. Оттогаш натаму,„Политиката на отворени врати“ (Open Door Policy) станува идејата водилка на новата голема сила во меѓународната политика. Поинаку кажано, не колонизација како метод за црпење на светските богатсва во сопствена полза туку финансиска доминација и слободна трговија за една супериорна конкурентна економија. Логиката е едноставна: ем не земаш одговорност во управување на туѓи територии и народи, ем ги користиш сите финансиски бенефиции. The rest is history, би рекле Американците.
Во хиерархијата на светската моќ, Америка ја заменува Велика Британија како доминантна светска сила, победува во две светски војни, победува во Студената војна и ја шири моќта на својот финансиски капитал во светот. Некаде во седумдесеттите од минатиот век носени на бранот на глобализацијата, цели американски и западно-европски фабрики, во потрага по профит, се селат во Азија, примарно во Кина. Тоа се години на соработка со Кина, години на Engagement. Саатницата за американскиот работник од педестина долари можеше да биде заменета со пет или десет за кинескиот. Американците имаа корист од оваа ситуација се до моментот кога се беше нивно вклучувајќи ја и технологијата. Но, во моментот кога Кинезите ја усвоиjа таа технологија и почнаа да ја усовршуваат, станаа конкурентни на американските и европските производи во целиот свет.
Неодамна, во Скопје, во пракса се уверив во моќта на кинеската конкуренција. Барам шофершајбна за мојата „Форд-фиеста“. Имаме оригинална германска за 190 евра и кинеска копија за 90 евра ми велат во продавницата. Имате ли поплаки на копијата, прашувам. Никакви, ми одговараат. Што мислите за чиј производ се определив?
Ете затоа, некогашната „политика на отворени врати“ во светската економија Трамп ја менува со „политика на затворени врати“ со високи тарифи. Економистите предупредуваат дека со ваквата политика Америка се изолира смата себеси од светскиот пазар и дека тоа, долгорочно, ќе биде на штета на благосостојбата на нејзините граѓани кои ќе плаќаат поскапо. Згора на тоа, да се затвораш за евтини производи значи да признаеш дека ја губиш трката на светскиот пазар. Онаа истата во која си победувал сто и повеќе години со „политиката на отворени врати“. Да нема забуна: Америка е сè уште економски најмоќната држава со, како вели статистиката, 23 трилиони GDP, потоа е Кина со 17, 18 трилиони и Русија со 1,3 трилиони. Но, државите кои ја усвоива американската технологија и станаа конкуренти на Америка,трчаат побргу. Годишниот раст на Америка е 2.9 %, на Русија 3,6%, на Кина 5,2%, на Индија 7,6%. Не треба да е човек марксист за да знае дека еконимската сила лесно се преведува во воена сила. Дека државата која ќе ја изгуби трката во светската економија ќе ја изгуби и супериорната воена моќ. Тука се корените на опаѓањето на Америка, ама на подолг рок.
За излез е потребна осмислена политика а не панична реакција. Еконимистите ќе го кажат своето, но ова што го наговести новиот американски претседател Трамп ми личи токму на панична реакција на некој кому му снемуваат пари за уште една доза дрога.Имено, факт е дека со кратењата на трошоците за 750 американски воени бази во светот, со свртување кон нафта и ќумур и со , запирање на војната во Украина и со високи тарифи за кинески и европски производи ќе се случи она што го посакува секој политичар: граѓаните, преку својот паричник, веднаш да почувствуваат резултати од новата политика. Но, предупредуваат оние што се разбираат во светска економија, со ваквата политика, на долг рок, Америка ќе продолжи да ја губи битката со конкурентите од Азија.И дека само ќе се потврди правилото дека ниту една држава не останува вечно хегемон на светската политика.
Политичарите се една посебна сорта луѓе па без многу размислување, и за политичка инстант ќар, можат да го изјават она што го кажа Трамп во иноагуративниот говор:„Од овој моменет прекинува опаѓањето на Америка!“. Кога би било така лесно.
Денко Малески