ОД ПАТАРИНИ ГОДИНАВА СОБРАНИ РЕКОРДНИ 62 МИЛИОНИ ЕВРА
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, презентирајќи ги резултатите од работата на претпријатието, рече дека годината што изминува е рекордна од аспект на инвестиции, рекордна година на приход од наплата на патарини, но и историска година затоа што е потпишан договор и отпочнат е проект за градење на 110 километри автопатишта со конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Оваа година, рече Рустеми, ќе ја завршиме со рекорден приход од 62 милиони евра од патарини.
Годинава имаме речиси 100 проценти зголемување на приходите од патарина за разлика од пред три години. Како споредба, во 2020 година од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот е веќе над 53 милиони евра и оваа година ќе ја завршиме со 62 милиони евра – рече Рустеми.
Годинава, како што потсети, се отпочна и со модернизација на наплатните станици на Коридорот 8, Глумово и Желино, каде што ќе биде воведена исто така електронската наплата.