Од првичните 27 тони, запленетата марихуана во Скопје и во Струмица достигна 40 тони, дознава Телма

Запленети се околу 40 тони марихуана наводно одгледувана за медицински цели по претресите во Скопје и во Струмица дознава Телма од извори во истрагата. 10-тина се од Скопско, а 30-тина од Струмица. Првичните 27 тони за кои вчера брифираа истражните органи веќе се зголемени, со веќе откриени нови количини кои биле спремни за шверц, велат нашите извори.

Истите извори информираат дека марихуаната, на начинот на кој е продуцирана, складирана и чувана никако не можела да биде за медицински потреби, туку само за на улица, за продажба или шверц.

Акцијата е поврзана со пронајдените 5 тони марихуана во Србија, кои тамошните власти тврдат дека се од земјава.  Во центарот на истрагата е компанијата „Алфафарм“ ДОО Скопје, чиј ко-сопственик Иван Драгниќ, кој е државјанин на нашиот северен сосед беше уапсен.

Со неколку комбиња и камиони се изнесуваше марихуана тешка десет тони од објектот на „Алфафарм“ во  кругот на фабриката Охис. Останатите 30-тина тони се запленети во струмичкиот регион од фирми повразни со „Алфафарм“.

Станува збор за најголема заплена на марихуана од независноста на државата до денес.

Истрагата која ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција треба да даде одговор кој се бил инволвиран во шеврцот на петте тони марихуана и евентуални организирани структури поврзани со случајот. Но, и што се планирало за овие 40 тони кои беа запленети. Премиерот Христијан Мицкоски веќе изјави дека медицинската марихуана незаконски била пуштана во промет и незаконски складирана.

Back to top button
Close